Реакции по синдикалниот протест за повисоки плати
СДСМ ќе предложи законски решенија за покачување на минималната плата на 600 евра но и за замрзнување на платите на функционерите. Лидерот на опозицијата Венко Филипче рече дека ваквите предлог законски решенија се поради тоа што работниците во Македонија едвај преживуваат.
Според него, потребно е власта да ги поддржи овие барања бидејќи, како што рече тоа се реални потреби.
Со оваа одржуваме континуитет на нашите политики од време кога СДСМ ја водеше владата кога платите, минималната, просечната растеа во континуитет, дури и во ситуација на многу тешки кризи, а истовремено ги поддржуваме барањата на работниците и Сојузот на синдикати коишто беа вчера изнесени во јавноста. Тоа мора власта да сфати дека се автентични реални потреби на граѓаните тоа се реални потреби. Не може да се затвараат очи пред тие работи, ете си ги кажаа аргументите.
По вчерашниот протест на работниците и синдикатите преку кој побараа покачување на платите, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно ги обвинија синдикатите дека се политички мотивирани.
Политичката заробеност на ССМ, од страна на СДС се покажува на дело. Дека на Слободан Трендафилов и Трпе Деаноски како и ССМ како синдикат не им е грижа за работниците, се докажува по тоа дека одбиле 40% зголемување на платите за административните службеници или минимум во бројка, над 10.000 денари за само две години од денес. Сето ова, само поради послушноста и потчинетоста кон СДС.
Со реакција за барањата за покачување на платите, излезе и гувернерот на Народната банка Трајко Славески. Тој преку објава на социјалните мрежи рече дека барањата на ССМ се несериозни.
Трајко Славески, Гувернер на НБРМ
- И покрај манипулациите со бројките од страна на ССМ, факт е дека просечната плата во земјава минатава година порасна номинално за 9,2%, а реално за 5,1%. Очекувањата за стапката на инфлација за оваа година се таа да не надмине 3%. Се поставува прашањето: дали има логика во барањето на ССМ, поддржано од некои политички субјекти заради популистички побуди? Одговорот е повеќе од очигледен – несериозни барања од несериозни субјекти.
Работниците и синдикатите вчера излегоа на масовен протест преку кој побараа 600 евра минимална плата и 100 евра линеарно покачување на сите други плати. Од пред институциите порачаа дека доколку не бидат прифатени нивните барања, ќе продолжат со блокади и генерален штрајк во цела држава.

