Реакции по посетата и пораките на еврокомесарот Вархеји
Македонската влада не е подготвена да ги жртвува јазикот и идентитетот за влез во европското семјество. За премиерот Заев проблемот со Бугарија е нерационален, и мора да се најде заеднично решение, но не по секоја цена. Тој вели - ајде да ги утврдиме корените, но на паметен и европски начин.
- По цена на македонскиот идентитет и македонскиот јазик не ни треба Европска Унија, затоа што ќе бидеме прашина изгубена низ ветрот и кој тогаш ќе влезе во ЕУ? Тоа сме го кажале и досега. Така ги постигнавме и големите договори, штитејќи ја нашата национална посебност – македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Затоа што е тоа право на самоопределување, тоа е чувство и не постои договор којшто го договара начинот како се чувствуваме и каков јазик зборуваме. А тоа е и европска вредност. - изјави Заев.
Еврокомесарот за проширување Вархеји, вчера во Скопје исопрати силни пораки до македонската влада. Порача дека Македонија може да биде одделена од пакетот со Албанија, доколку не успее да постигне договор со Бугарија за спорните прашања. Засега нема такви изгледи, одлуката ја носат земјите членки на ЕУ, кои имаат различни мислења. Но доколку сепак тоа се случи, какви сценарија се предвидуваат?
- Би требало да избегнеме враќање во некакви националистички чаури или слично. Тоа е ризикот од дополнителна поларизација. Очекуваме дека довербата и поддршката во Европската унија ќе се намали. Од нашето искуство, дава пример дека во овие процеси работите се менуваат. Не се менуваат преку ноќ, но треба да бидеме свесни дека повторно следуваат избори во Бугарија. - изјави Симонида Кацарска ЕПИ.
Австриската министерка за Европа и Устав, Едштадлер вчера во Скопје предупреди дека постои опасност за ЕУ и за земјите од Западен Балкан ако поради поради ненадминати билатерални прашања се попречува евроинтегративниот процес, и тој вакуум на моќ може некој да го искористи.
Австрија се нуди да посредува меѓу Скопје и Софија. Шефот на германската дипломатија Мас, пак кажа дека спорот меѓу Македонија и Бугарија треба да остане на билатерално ниво и да го решаваат експерти, без притисоци од надвор. Времето за преговори меѓу Скопје и Софија тече, а јунскиот самит на ЕУ е се поблиску. Шансите за датум засега под мраз.