Реакции по извештајот на ЕК за правосудството

Судиите и обвинителите нема да добијат повеќе пари, не заслужиле – ќе продолжам да ги критикувам. Ова е коментарот на премиерот Мицкоски на извештајот за владеење на правото, на Европската комисија. И покрај забелешките од Брисел, Мицкоски најави дека ќе продолжи јавно да бара од судиите и обвинителите да испорачуваат правда, оценувајќи дека граѓаните не се задоволни од функционирањето на правосудниот систем. Премиерот денеска беше дециден – нема да бидат прифатени барањата за зголемувања на буџетот на правосудните инсистуции, затоа што според него, независноста на судството не се обезбедува со повеќе пари, туку со професионална работа.

- Од сите споредено со претходно, ова е најдобар извештај за нас како држава. Дали е одличен? Не е одличен. Се констатираат забелешките. Мене ми е тоа работа, јавно да ги повикувам судиите и обвинителите да испорачуваат правда и ќе продолжам во таа насока да коментирам, колку сакаат извештаи нека се објавуваат. Пари повеќе нема да добијат, иако се бара и во Законот за јавно обвинителство да се стави сума од 0,5 проценти од буџетот. Нема да добијат, затоа што не заслужиле, изјави Мицкоски.

За опозицијата – извештајот е катастрофален. Од СДСМ порачаа дека документот од Брисел е потврда дека правосудниот систем е под сериозен политички притисок на Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ.

- Поставувањето советник на премиерот Мицкоски на позиција во правосудниот систем е директно мешање на извршната власт во независноста на судството. Изборот на новиот државен обвинител беше јавно најавуван и управуван од самиот премиер Мицкоски преку телевизиска емисија, што е директна повреда на уставната независност на обвинителството. Мицкоски јавно дискредитираше обвинителка со навреди како „медиокритет“, покажувајќи дека нема намера да ја почитува волјата на професионалните тела, туку сака да наметне свои кадри, изјави Богданка Кузеска од СДСМ.

Брисел зборува премногу дипломатски, реториката на извештајот е премногу литературна, напиша на социјалната мрежа фејсбук, адвокатот Владимир Туфегџиќ. Оценува дека недостасуваат клучни констатации во документот.

„ На извештајот од ЕК треба одма да се стави приговор! Заборавиле да напишат клучни констатации :

  • дека институционалниот систем кога е високата корупција во прашање е целосно неупотреблив и нефункционален, народски речено “под контрола”;

  • дека правниот поредок и систем е заложник на 5% корумпирани и сервилни судии и јавни обвинители;

  • дека токму поради нив избрани млади судии и јавни обвинители од пред неколку години, размислуваат да ја сменат професијата за да не го јадат срамот;

  • дека Судскиот совет и Советот на јавните обвинители конечно треба да се одважат а не да калкулираат со ноторни факти и реалност и да го превземат она што одамна требаше да се превземе токму кон тие 5% ;

  • дека шансите за промена на нештата во ваква политичка консталација на односите се никакви, а излезот да се бара во нов Изборен законик, една изборна единица и отворени листи “ , напиша Туфегџиќ.

Вчера Европската комисија нотираше притисоци и мешање од претставници на власта врз судството, засилени лични критики кон судии и обвинители и ризик од политизација по постапката за разрешување на јавниот обвинител. Брисел оцени дека независноста на судството и автономијата на јавното обвинителство се поткопани поради недоволните буџетски средства, а измените на Кривичниот законик, недоволните ресурси и долгите судски постапки ја ограничуваат борбата против корупцијата при што случаите на висока корупција ретко завршуваат со правосилни пресуди.