Реакции по изјава на Вучиќ за Беким Сали и Африм Гаши
Контроверзно јавно излагање на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во кое вицепремиерот и министер за европски прашања, Беким Сали, го стави во директна конотација со косовскиот премиер Албин Курти.
Цитирајќи го ставот на македонскиот министер во однос на одлуката на Хашкиот трибунал, со која беа осудени поранешни косовски функционери, Вучиќ го нарече Сали „министерот на Курти во македонската Влада“. Српскиот претседател го именуваше и претседателот на Собранието, Африм Гаши, додавајќи дека ставовите што јавно ги изнеле се, како што оцени, „во најмала рака скандалозни“.
Телевизија 24 побара став од Владата на Република Македонија во однос на изнесените ставови на српскиот претседател. До објавувањето на прилогот не добивме одговор.
Телевизија 24 побара став и од ВРЕДИ. Од коалицискиот партнер во Владата на Христијан Мицкоски за Телевизија 24 велат дека Вучиќ се служи со политичка реторика, мотивирана, како што наведуваат, од јасно изразените ставови на ВРЕДИ во однос на Република Косово.
ВРЕДИ
„Беким Сали и Африм Гаши одговараат пред својот електорат. Очигледно е дека на Александар Вучиќ му пречат јасните ставови на ВЛЕН за Косово и нашата одбрана на историската вистина за ослободителната борба за слободата на Косово. Ако одбраната на таа историска вистина и поддршката за Косово се причина Вучиќ да нè напаѓа, тогаш неговите напади само потврдуваат дека сме на вистинската страна“, велат од ВЛЕН за Телевизија 24.
Од ДУИ, пак, за Телевизија 24 велат дека изјавата на Вучиќ е во насока на создавање политичка магла и пренасочување на вниманието од суштината на прашањата. Оттаму велат дека дополнително загрижувачко е влијанието во земјава на, како што го нарекуваат, „српскиот свет“.
ДУИ
„Изјавата на Вучиќ е уште еден обид за дефокусирање и манипулирање со јавноста. За нас е загрижувачки што влијанието на Белград и на таканаречениот „српски свет“ во Република Северна Македонија денес е поголемо од кога било досега. Ова не е само политичка перцепција, туку прашање кое е нотирано и во извештаи и проценки на релевантни меѓународни институции“, велат од ДУИ.
Инаку, ваквата реторика доаѓа по пресудата на Хашкиот трибунал, со која поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, доби затворска казна од 25 години, по што следуваа низа реакции од албански политичари во знак на поддршка за поранешниот косовски претседател, меѓу кои и политичари од земјава.
Јавно изнесените ставови наидоа на негодувања од официјален Белград, иако претходно, по смртта на Ратко Младиќ, кој исто така беше осуден за воени злосторства, беше третиран како национален херој. Величење на Младиќ имаше и од Далибор Китановиќ, директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците во Македонија, по што следуваше извинување од функционерот, а мислење околу ова прашање побаравме и од министерот за министерот за локална самоуправа и претседател на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоилковиќ, но до објавувањето на прилогот не добивме одговор.

