Реакции на граѓаните - невакцинирани попишувачи нема да примиме дома
Foto

Реакции на граѓаните - невакцинирани попишувачи нема да примиме дома

Невакцинирани попишувачи нема да пуштаме во домовите за време на пописот - велат граѓаните во анкета за ТВ 24. Според нив, вакцинцијата против ковид треба да биде задолжителна за попишувачите на терен, во услови кога пописот се спроведува среде пандемија, а се стравува и од нов бран на заразени наесен.

Од државниот завод за статистика пак велат дека не може да бараат од попишувачите да бидат вакцинирани, бидејќи вакцинцијата не е задолжителна во државава и тоа би било дискриминација, но потенцираат дека попишувачите кои ќе сакаат да се вакцинираат, ќе им бидат обезбедени вакцини. 

„Ние немаме законско право да бараме потврда за вакцинација, бидејќи вакцинацијата во државата е на добороволно ниво, поради тоа не можеме да го поставиме како критериум. Тоа би било дискримимација. Би било добро сите да се вакцинирани, но не смее тоа да биде критериум. Ние препорачуваме и има и прашање во апликацијата дали сте вакцинирани и дали би сакале да бидете вакцинирани доколку бидете избрани, така што нудиме можност и доколку има потреба ние сме подготвени и да организираме вакцинација на идните попишувачи.“ - вели Јасмина Ѓорѓиева од Одделение за односи со јавност на Државен завод за статистика. 

Министерството за здравство пак, нема да бара задолжителна потврда за вакцина за попишувачите кои ќе влегуваат во домовите на граѓаните, како што се најавува дека ќе се бара за невакцинираните наесен. За попишувачите - само апел од здравствените власти.

„Министерството за здравство нуди можност за вакцинација и на лицата кои ќе бидат вклучени во попишувањето на населението и апелираме да се вакцинираат.“ - велат од Министерството за здравство.

Токму вакцинацијата на попишувачите беше причината за одложување на пописот кој првично требаше да се спроведе во април годинава. ВМРО-ДПМНЕ тогаш бараше одложување на статистичката операција, со цел да се остави доволно време до есен да се имунизираат сите попишувачи за процесот на пребројување на населението да биде побезбеден, што беше прифатено од страна на Премиерот Зоран Заев.

0 Коментари

Остави коментари