Разрешување во Филхармонија, министерството со забелешки за работењето, Иванова смета дека е поради непослушност

Разрешената директорка на Филхармонија Тина Иванова денеска преку писмен допис даде свој став за нејзиното и разрешувањето на управниот одбор. Вели изминитатите месеци била под притисок, добивала низа навреди и понижувања, а единствената причина за разрешувањето од директорската позиција е што била на страната на колективот.

- Единствената причина за разрешувањето е фактот што како директорка, на грешната и неодржлива одлука на министерката Бисера Костадиновска Стојчевска, застанав на страната на колективот и на страната на институцијата. Се редеа: Трудова инспекција, две вонредни инспекции од Инспекторатот на Министерството за култура, комисија за увид во документација, група на административни службеници, вработени во Министерството за култура, станаа редовни посетители во нашата институција и се праќаа дури и по неколку пати за да „копаат“ работи кои не постојат единствено затоа што немаше, а и се уште нема, храброст да се каже дека ме разрешуваат поради непослушност. Резултатите од инспекциите се јавно достапни документи и секој кој е заинтересиран може да види дека работата е прилично јасна и чиста. - верли Иванова.

Од друга страна во образложението на министерството за култура стои дека на 6 септември годинава во документацијата на Филхармонија биле констатирани бројни законски повреди и неусогласености во работењето. Покрај директорката, разрешени се и членовите на Управниот одбор во институцијата бидејќи не делувале навреме и не укажале за неправилностите во работењето на Иванова.

- Од документацијата и направените записници се заклучува дека директорката Иванова постапувала несоодветно, несовесно, неекономично, неуредно, ненавремено и спротивно на склучените договори и правилници при издавање на просториите на Филхармонија. Одговорното лице на установата склучувало договори кои самото не ги испочитувало и прекршен е Правилникот на установата кој го донел Управниот одбор. Бидејќи низ овие активности, несовесно постапувале и не спречиле несовесно постапување и членовите на Управниот одбор, министерката донесе одлука и за разрешување на сите членови на УО на Филхармонија. - велат од Министерството за култура.

Новиот в.д. директор на Филхармонија е Даниел Лазаревски, од редот на вработените во Филхармонијата. Поранешната директорка на новиот директор и раководството и колективот, во своето писмно обраќање, им посака успешна сезона и благодарност за четиригодишната посветеност.