Разрешувања на директори на скопските клиники

Бесија Иљази повеќе не е економска директорка на УК за токсикологија, а разрешени се и уште неколку други економски директори на клиниките. За медицински директор е назначен д-р Андон Чибишев, кој доаѓа на местото на д-р Данил Петровски, кој беше разрешен од претходниот министер Демири. 

Нов медицински директор доби и клиниката за неврологија. Поранешниот министер за здравство Фатмир Меџити седнува на ова директорско столче, а нов медицински директор ќе добие и онколошката клиника, бидејќи на актуелната вд директорка и истекува мандатот. 

Министерот Таравари тврди дека разрешувањето на економските директори нема да влијае врз работата на клиниките, кои досега функционираа со врзан потпис на двајцата директори. 

„Јас наскоро ќе поднесам нов предлог закон за здравствена заштита во кој нема да има економски директори во сите установи каде што ги  има и ќе предвидиме да има само еден професионален директор на клиника, болница, или ЈЗУ.“ - вели Таравари.

И додека продолжуваат именувањата и разрешувањата на директори на клиниките, министерот почна да ја скенира и состојбота со кадарот низ болниците. Таравари денеска од поликлиниката Бит Пазар порача дека во буџетот за идната година мора да се планираат средства за нови вработувања во здравството. 

„Се надевам дека и до крајот на годинава ќе имаме огромен број на вработувања посебно во секторот здравство.“ - вели Таравари.

Во меѓувреме за проблемот со операционите сали на скопскиот клинички центар Таравари повтори дека се уште ги чека резултатите од испитувањата кои после речиси цел месец се уште не се готови, а нови информации нема ниту од обвинителството кое утврдува дали има елементи на кривично дело во овој случај.