Разрешениот директор на клиниката за неврологија Кузмановски се извини за своите постапки
Разрешениот директор на Универзитетската клиника за неврологија, Игор Кузмановски, кој беше во центарот на скандалот со видео на кое меша бела прашкаста материја, вечерва се огласи со јавно извинување преку социјалната мрежа Фејсбук.
– Во врска со објавите на социјалните мрежи, изразувам длабоко каење и се извинувам поради постапката која се има случено далеку пред моето преземање на менаџирање на Клиниката за неврологија. Тоа е постапка со која не се гордеам и сметам дека е момент на моја слабост која не смее да биде пример – вели Кузмановски.
Тој додаде дека секој човек прави грешки, но важно е да се извлече поука.
– После ова знам дека оваа грешка нема да се повтори и сум подготвен да живеам со сите мои подеми и падови – додава тој.
Кузмановски информира дека се повлекува од функцијата задоволен од резултатите постигнати со својот тим, но најави дека ќе продолжи да работи како доктор.

