Разрешен главниот уредник на „Билд“
Foto

Разрешен главниот уредник на „Билд“

Главниот уредник на најголемиот германски таблоид Билд, е разрешен по извештајот на „Њујорк тајмс“ за наводите дека се однесувал лошо со вработени жени, пишува европското издание на Политико.

Отпуштањето доаѓа откако „Њујорк тајмс“ објави дека Јулијан Рајхелт унапредил вработена на висока позиција додека бил во врска со неа. Рајхелт и рекол на вработената во ноември 2016 година дека „ако откријат дека е во врска со практикант, ќе ја загуби работата“, пишува „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на транскрипт од сведочење на вработен пред истражителите од адвокатската фирма ангажирана од компанијата Аксел Шпрингер, како дел од внатрешна истрага за однесувањето на Рајхелт.

Рајхелт негираше злоупотреба на функцијата.

Во соопштението на медиумскиот гигант Аксел Шпрингер, кој е сопственик на „Билд“ (а исто така го поседува и „Политико“), се вели дека Рајхелт „не успеал да одржи јасна граница меѓу приватните и професионалните работи“ и оти „не бил искрен“ пред извршниот одбор на компанијата во однос на ова прашање.

Рајхелт ќе го замени Јоханес Боје (37), главен и одговорен уредник на Велт Ам Зонтаг, друг весник во сопственост на Аксел Шпрингер.

0 Коментари

Остави коментари