Разногласие во видувањата и методите за можноста за покачување на минималецот на 500 евра
Минимална плата од 500 евра, но со замрзнати придонеси, ова е ставот на Стопанската Комора на северо-западна Македонија. Потенцираат дека ваквото решение е најсоодветно со што нема да поттикнеме инфлација, а од друга страна ќе се намали сивата економија која што е на многу високо ниво од околу 30% од БДП.
Од Комората велат дека Македонија ги има највисоките придонеси во регионот и пошироко, а државите кои веќе размислуваат за долгорочен одржлив развој и раст на економијата, почнаа да применуваат вакви концепти на намалување на придонеси, како што е случајот со Црна Гора и Босна и Херцеговина.
„Стопанска Комора на северо-западна Македонија е првата институција која излезе со ставот да се зголеми минималната нето плата во ниво од 500 евра. Имајќи предвид дека се наоѓаме во незавидна економска позиција, особено кога станува збор за конкурентноста на нашата држава и нејзината економија, ова зголемување на платите треба да се направи паралелно со замрзнување на придонесите, односно, придонесите да останат на истото ниво на сегашната минимална плата, и да не имаме прогресивно пресметување на истите како што е сегашниот случај, туку да бидат пропорционални односно, да останат на ниво од 32% од нето платата.“ - велат од Стопанската Комора на северо-западна Македонија
Од Организацијата на работодавачи велат дека и замрзнати придонеси може да направат подоцнежни проблеми во функционирање на биузнисот, тие се на ставот дека треба сериозни анализи пред да се влезе во било какви покачувања.
По вчерашната средба со премиерот Мицкоски, од ССМ велат дека владата не е против зголемување на платите туку проблем се другите синдикати. Од КСС се изјаснија дека прифатливо е тоа што го нуди законот.
Преговорите за минималецот ќе продолжат на следната седница на ЕСС која треба да се одржи веднаш по утврдување на репрезентативноста на синдикатот .