Разговори за минималната плата, Владата повтори дека ќе го прифати секој договор на синдикатите и работодавачите
Прашањето за зголемување на минималната плата повторно се актуелизираше откако синдикалните претставници вчера беа повикани на состанок во Владата со премиерот Христијан Мицкоски. Владата останува на ставот дека ќе го прифати секој договор помеѓу синдикатите и работодавачите што ќе биде постигнат во рамки на економско-социјалниот дијалог, а останаа и спротивставените барања и ставови на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС). Повторен е и ставот дека нема можности за субвенцонирање на платата која ССМ бара да биде 30.000 денари, а за која КСС смета дека ќе опфати мал дел од вработените. Најавено е дека за една недела ќе се утврди репрезентативноста на синдикатот и ќе почне со работа Економско-социјалниот совет, како и дека ќе има ревидирање на одредни членови во Општиот колективен договор за јавниот сектор.
По последното усогласување на минималната плата со нето износ од 1800 денари согласно законските одредби, што стапи во сила од почетокот на месецов, и реакцијата на ССМ за едностраност во одлучувањето од страна на Владата без консултација со синдикатите, претседателот на ССМ Слободан Трендафилов по вчерашниот состанок оцени дека има волја за наоѓање решение за прашањата за стандардот на работниците. Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати Благоја Ралповски пак го оквалифкува барањаето на ССМ за 30.000 денари минимална плата како популизам бидејќи со него ќе бидат опфатени само дел од вработените во државата.