Растот на нафтата го зголемува финансискиот притисок, дали мерките ќе бидат доволни да се намали ударот?

Европската енергетска криза, која веќе ги тресе најразвиените економии, полека се прелева и кај нас, со ризик да удри директно по џебот на граѓаните и по трошоците на компаниите во наредните месеци.

Европа се подготвува за подолготраен енергетски шок. Цените на нафтата и гасот не се сметаат повеќе за краткорочен проблем, туку за структурен ризик кој може да трае со години. Дел од европските влади веќе размислуваат за построги мерки, од ограничување на потрошувачката, до препораки за работа од дома и намалено патување, со цел да се ублажи ударот врз системите. 

„Европа се соочува со многу сериозна ситуација без јасен крај. Дури и ако мирот дојде утре, нема да се вратиме на старите патишта во скоро време.“

Пред два дена и министерката за енергетика Сања Божиновска ги повтори европските препораки, но што од тоа ќе биде применливо кај нас, допрва ќе се види. Иако во Македонија засега нема драматични последици, бизнис секторот внимателно ја следи состојбата, особено индустриите кои зависат од енергенси и увоз на суровини. Ангел Димитров, сопственик на текстилна фабрика, вели дека во неговата индустрија ефектите сè уште не се чувствуваат, но предупредува дека ако кризата потрае, вистинскиот удар ќе дојде следната сезона. Очекува Владата со мерките навреме да реагира ако кризата се продлабочи. 

Анализите покажуваат дека глобалната нестабилностпо поради состојбата на Блискиот исток ја турка цената на енергенсите нагоре. Иако Владата го намали ДДВ за горивата од 18 на 10 проценти, експертите предупредуваат дека тоа е само краткорочно решение и дека притисокот врз цените ќе продолжи. Во Европа веќе се најавуваат мерки за штедење, а граѓаните се подготвуваат за подолг период на високи цени. Во понеделник, Регулаторната комисија ќе ги соопшти новите цени на горивата. Во меѓувреме, цената на нафтата брент на светските берзи е околу 109 долари за барел, што е зголемување за речиси 8 проценти во однос на вчера.