Растечките цени на енергенсите како никогаш досега се закануваат на ликвидноста на компаниите и буџетот

Ако го нема стопанството, пропаѓа државата – Експертите предупредуваат дека владата мора да донесе мерки за бизнис секторот да може да ја преживее зимата.

Професорот Антон Чаушевски за ТВ2 4 вели дека државата мора да помогне, бидејќи од домашните компании се црпи бруто домашниот производ. Според него, ЕСМ би требало дел од електричната енергија да пренасочи за стопанството, кое троши помеѓу 15 до 20 отсто од потрошувачката на целата Македонија, а државата треба веднаш да ги стави сите капацитети во употреба, со цел максимално произведување на електрична енергија. 

Според Чаушевски, во моменти кога струјата би била 1000 евра за мегават час, тоа ретко кое домаќинство ќе може да го издржи. 

Во меѓувреме, премиерот Димитар Ковачевски не смета дека намалувањето на ДДВ-то за електрична енергија би имало големо влијание врз цената, а за другите барања на коморите, како што е ограничена маржа за трговците со струја, ќе чека анализа за владата да пресече дали ќе се донесе или не. 

Стопанските комори пак предупредија – доколку веднаш не се донесат мерки, може да следува енергетско цунами кое претставува опасност да ја уништи целата македонска економија и предупредија дека без мерки, Македонија може да се соочи прво со отпуштање на работници, а потоа и со затворање на фирми. 

Во време кога цената на струјата расте на глобално ниво, во Македонија најголем спас се бара во поставувањето на фотоволтаици, барем за сопствени потреби како на компаниите, така и на граѓаните. И експертите и коморите се согласни – владата мора да ги поедностави процедурите кои за фирмите предвидуваат и над 80 документи, а по што следи и неизвесност, кога тие ќе бидат приклучени на мрежата, за да може да го продаваат вишокот на електрична енергија.