Расте стравот од нов ценовен шок, дали и кој ќе ќари во време на криза?!

Владата да преземе мерки пред цените да почнат да растат, бидејќи ако се реагира отпосле – веќе е доцна.

Од Организацијата на потрошувачи предупредуваат дека по енормниот скок на цената на горивата, постои реален ризик од нов ценовен шок во маркетите. Иако премиерот Христијан Мицкоски по вчерашната средба со претставниците на големите трговски синџири на социјалните мрежи порача дека треба да има фер цени и дека не се очекува ново поскапување, од организацијата велат дека не им веруваат на ваквите уверувања.

Според нив, искуството од претходните кризи покажало дека дел од трговците брзо го префрлаат растот на трошоците врз потрошувачите. 

По средбата со трговските синџири, премиерот соопшти дека заеднички било заклучено цените на производите да останат фер и да нема ново зголемување. Тој порача дека нема да се дозволи профитерство на грбот на граѓаните и дека институциите ќе ја следат состојбата на пазарот. Доколку се појават злоупотреби, најави дека државата ќе реагира со соодветни мерки. 

Во меѓувреме, Државниот пазарен инспекторат веќе спровел засилени контроли. Од 2 до 6 март направени се 492 инспекциски надзори, при што се утврдени 89 прекршоци. За нив се изречени казни од речиси 50 илјади евра, што значи дека просечно секој прекршок бил санкциониран со нешто над 500 евра. Дел од економските експерти сметаат дека токму ниските казни го охрабруваат самоволието на трговците, особено во време на економска неизвесност. 

Во меѓувреме, дел од цените на основните производи веќе почнаа постепено да растат. На рафтовите може да се забележи поскапување на маслото за јадење, јајцата и кафето. Потрошувачите велат дека цените се менуваат речиси од недела во недела, а некои производи веќе се продаваат по значително повисоки цени од пред само неколку месеци.