Расте поддршката за “трговската војна“ што ја објавија граѓаните на маркетите – се приклучуваат Организацијата на потрошувачи и пензионерите
По Хрватска и Македонија дел од идејата за бојкот на маркетите. Повикот за бојкот е за во петок – причината е во високите цени по маркетите. Организацијата на потрошувачите на Македонија, иако не е организатор на овие активности, ги поддржува повиците за бојкот, сметаат дека граѓаните секојдневно се соочуваат со зголемување на цените по маркетите.
Партијата на пензионери ја поддржува граѓанската иницијатива за бојкот на маркетите, на која се повикува на социјалните мрежи во земјава.
„ Партијата на пензионери во целост ја поддржува иницијативата и ги повикува своите членови, сите пензионери и граѓани да го покажат својот став со конкретна акција за бојкот на сите оние кои на грбот на сите нас остваруваат енормни, нефер и неетички финансиски профити. “ - стои во соопштението на пензионерите.
Со поддржка на бојкотот се произнесе и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши кој на Фејзбук напиша дека ги поддржува граѓаните во нивниот бојкот.
„ Тоа е нивно граѓанско право и граѓаните односно потрошувачите имаат право сами да одлучуваат како и каде ги трошат своите пари. Ги поддржуваме граѓаните во бојкотот пред се на маркетите кои изминативе години енормно ги зголемуваат цените на производите без никаква економска логика.“ - напиша Бесар Дурмиши – министер за економија и труд на ФБ.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави засилени контроли на два големи маркети, како што кажа ќе се проверува дали правеле одредени изигрувања.
СДСМ со реакција велат дека ВМРО-ДПМНЕ ги оставија граѓаните гладни.
„ Овој бојкот не е само бојкот против маркетите! Ова е бунт против нечесната власт која со својата неспособност и алчност дозволи народот да биде ограбен! СДСМ ја поздравува храбрсота на граѓаните да се самоорганизираат и ги преземат работите во свои раце.“ - реагираат од СДСМ.
Апелот до граѓаните е да се воздржат од купување во петок за да се испрати порака дека трговците ги договараат и манипулираат цените и креираат преголеми профити врз грбот на потрошувачите.
Дел од македонските трговци со контра реакција на бојкотот во петок, дел од производите во петок ќе бидат со намалени цени.