Расте бројот на жртви во Калифорнија

Бројот на загинати во пожарите во Калифорнија постојано расте, спасувачките екипи неуморно ги бараат исчезнатите лица, а очајни семејства објавуваат фотографии на социјалните мрежи во потрага по своите сакани.

Тринаесетте нови жртви беа пронајдени во изгорени автомобили или меѓу урнатините на нивните домови. Според информациите, поголемиот дел од жртвите ги загубиле животите задушувајќи се од чад или биле зафатени од огнот пред да стигнат до возилата за да избегаат.

„Луѓе буквално гореа во своите автомобили, други трчаа, видов луѓе како умираат на улица. Паника се ширеше насекаде.“ - вели очевидец на настаните.

„Ужасно е. Како да гледаме во пеколот. Не знам што да кажам. Сите сме во некаков вид на транс“ - вели жителка на Калифорнија.

Пожарите во Калифорнија избувнаа во текот на минатата недела и брзо се проширија поради силниот ветер. Најпогоден е градот Парадајс, каде до темел се уништени околу 7.000 домови, што е најмногу во историјата на Калифорнија, а без своите домови останаа и голем број познати холивудски актери.

Пожари во Калифорнија не се ретка појава со оглед на сувата клима, но најчесто сезоната на пожари започнува во летниот период и трае до раната есен, со оглед на климатските промени експерти предупредуваат дека сега постои ризик од пожари низ целата година.