Расте бројот на заразени, починати и хоспитализирани од Ковид-19
Foto

Расте бројот на заразени, починати и хоспитализирани од Ковид-19

Нови 628 случаи со Ковид-19 од 2236 тестирања беа евидентирани во вчерашниот извештај на Министерството за здравство за изминати 24 часа. Починати се 15 пациенти од кои седум од Скопје. Регистрирани се 531 оздравен пациент. Вкупниот број Ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 27827. Во државава вкупно оздравени се 19479 пациенти, а починати се 949 лица. Во моментот има 7399 активни случаи.

Есенскиот бран на Ковид-19 ги наполни и болниците. Хоспитализирани се околу 650 лица, од кои 110 се на кислородона подрршка, а еден пациен е на респиратор.

Зголемени се капацитетите за тестирање за Ковид-19 во јавните здравствени установи. Министерот за здравство Венко Филипче синоќа во телевизиско гостување апелираше приватните лаборатории да ги намалат цените на тестирањата.

– Во оваа криза сметам дека не треба профит да гледаат. Нека излезат во пресрет и нека ги намалат цените на тестирањето. Соочени со овој голем притисок освен ова зголемување на нашите капацитети од близу 400 тестови ќе ја следиме ситуацијата и оваа недела и ако навистина сè уште продолжи овој тренд, не повеќе од петок, сабота, тогаш дефинитивно Фондот ќе склучи договор и со дел од приватните лаборатории по таа референтна цена, едноставно да се зголеми бројот на термини и да се скрати времето на чекање, рече Филипче.

Според Филипче, пакетот мерки што веќе го има заедно со законските измени во Собранието е така димензиониран за да може да функционираат граѓаните, а сепак да биде ставен приоритет на заштита на јавното здравје.

– Полицискиот час не е трајно решение. Таму каде што мерките не се почитуваат пак ќе има раст на бројките на заболени, вели Филипче.

Министерот за внатрешни Оливер Спасовски објави дека е позитивен на Ковид-19. Кличничката слика, како што напиша на социјалната мрежа Фејсбук, му е добра, со благи симптоми и веќе е во домашна самоизолација.

Премиерот Зоран Заев, пак, направил тест и е негативен на Ковид-19, а негативен тест има и вицепремиерот Љупчо Николовски.

-Многу е важно сите до еден да го чуваме сопственото здравје и здравјето на сите други околу нас. Со целосно почитување на мерките и препораките секој од нас може да даде придонес за јавното здравје. Да носиме заштитни маски, да држиме физичка дистанца, да ги избегнуваме големите групни настани и на тој начин заеднички ќе ја добиеме битката со Ковид-19, порача Заев на ФБ.

0 Коментари

Остави коментари