Расте бројот на загинати од земјотресот во Албанија

Бројот на загинати од катастрофалниот земјотрес што ја погоди Албанија се зголемува. Според последните извештаи, бројката надминува 40 жртви, додека дваесеттина се заробени под урнатините. Од 700 повредени, десетмина се во сериозна состојба. Министерството за одбрана соопшти дека во 4 часот наутро три тела биле извлечени од урнатините. Пожарникари извлекле тело на 33 годишен маж од хотел во Драч.

Жителите на Драч и околните места уште една ноќ минаа под отворено небо. Илјадници граѓани останаа на плоштадите, на стадионите и во шатори поставени од армијата. Во зградите не може да се влезе поради големото разурнување, а и многумина не ризикуваат да се вратат. Најавите дека следниве денови се можни врнежи од дожд ја комплицира состојбата.

„Исплашени сме од нови потреси. Затоа се решивме со семојството и со другите ноќта да ја минеме надвор, во камп.“ - вели Нуредин Пронјани.

Стотици потреси го следеа најсилниот земјотрес со јачина од 6,4 степени што го погоди крајбрежјето на Албанија во вторникот. Два нови потреси се случија само неколку минути по полноќ, со јачина од 4,5 и 4,4 степени Рихтер, на 27 километри северно од Драч. Спасувачките екипи од 11 држави, работат на шест локации во Драч и Туман. Албанскиот премиер Еди Рама утрово одржа вонреден состанок на Владата и рече дека во овие моменти е потребна финансиска и секаква друга помош.

"Ова е ситуација со такви размери што би потресла и многу поголеми држави отколку што сме ние. Немаме друг правец да се соочиме со предизвиците кои ќе бидат во нашите мемории. Донациите се важни, мора да се води контрола на се. Треба да бидеме транспарентни.“ - вели Еди Рама – премиер на Албанија.

Албанските медиуми објавија дека меѓу жртвите во Туман е и свршеницата на постариот син на премиерот Еди Рама, Грегори, кој и самиот ја потврдил веста. За голем дел од преживеаните во земјотресот нема место во шаторите, па решија да ја минат ноќта во своите автомобили. Тие чекаат да бидат подигнати повеќе шатори за да можат да се преселат. Обезбедна им е храна и вода, но проблем им е студеното време. Албанската влада во средата прогласи вонредна состојба во главниот град Тирана и во вториот по големина град во земјата Драч.