Расте бројот на новозаразени со Ковид 19 во Македонија
Foto

Расте бројот на новозаразени со Ковид 19 во Македонија

Се зголемува бројот на заразени со КОВИД-19 и на приеми на пациенти, низ државата се хоспитализирани 1.082, болничките капацитети се полнат и се адаптираат нови – од вчера во функција е ковид-центар на Клиниката за трауматологија.  

Општинските кризни штабови апелираат за построги мерки, а опозицијата во Собранието поднесе предлог за интерпелација за министерот за здравство Венко Филипче поради лошо справување со здравствена криза и со набавката на вакцини.

Во вчерашниот билтен беа регистрирани 999 новозаразени од 3.627 тестирања. Починаа 24 пациенти на возраст од 46 до 80 години, а  оздравени се 543. Активни случаи во целата земја има 11.889, од кои 5.941 во главниот град.

Неделниот извештај на Институтот за јавно здравје покажува дека за една недела (8-14 март) за 22,2 отсто е зголемен бројот на позитивни случаи во однос на претходната седмица. Во овој период имало 5.456 новодијагностицирани  од 34 градови, а половина од нив се во Скопје (2708 или 49,6 отсто). Највисока неделна инциденца е регистрирана во Демир Капија, а најзастапена возрасна група од сите случаи е над 60 години  (26,3 отсто).

Од 8 до 14 март починале 129 луѓе од 21 град, што е за 2,3 пати повеќе во однос на минатата недела, а оздравени во овој период се 2.737 лица, што е намалување од 29,7 отсто.

Кризните штабови на општините апелираат за построги мерки и од граѓаните се бара голема совесност и одговорност. 

Поради алармантната состојба во Прилеп, каде што заразата е раширена со британскиот сој на вирусот и има 805 активни случаи, кризниот штаб во овој град од Владата и од Главниот кризен штаб бара да се воведе полициски час од 19 часот и скратен и редуциран јавен превоз.

Со вчерашната статистика на Министерството за здарвство, бројот на инфицирани со коронавирусот од почетокот на епидемијата во земјава достигна 113.929 од 571.068 направени тестирања. Починаа 3.364 луѓе, а оздравени се 98.676.

0 Коментари

Остави коментари