Раст на минималната плата - бизнисот и синдикатот со различен став
Покачувањето на минималецот мора да биде во корелација со продуктивноста.Доколку има зголемување на минималната плата ќе се бара зголемување и на продуктивноста на работникот вели Виктор Мизо од Советот на странски инвеститори според кого не треба да има вештачки раст на платите бидејќи тоа не е најпродуктивното решение.
Од ССМ возвраќаат дека македонските работници и за овие плати што ги земаат се екстра продуктивни,велат еден работник во приватниот сектор работи работа за двајца или тројца работници, но платата на тој еден работник не му е двојно или тројно зголемена.
,,За тие плати дури се и премногу продуктивни, а стопанствениците можат да замислат колку ќе се зголеми продуктивноста доколку ги зголемат платите на работниците.Но, очигледно не им е целта тоа, целта им е преку изговорот за ниска продуктивност да нема скоро никакви зголемувања на платите во наредниот период, но работниците продуктивноста ја мерат различно од тоа како ја мерат и во Владата и како ја мерат работодавачите, работниците својата продуктивност ја мерат со тоа што гледаат колкави добивки, автомобили, куќи, одмори и други луксузи, со својот труд им овозможиле на газдите, односно, ја мерат својата продуктивкост кога гледаат како уживаат околу 1000 функционери и околу 65.000 сопственици на компании на работничкиот грб и од работничката пот."
Според најновиот извештај на Евростат во регионот само Албанија има пониска минимална плата од нас. Бруто месечната минимална плата во Албанија на крајот на јуни изнесувала 408 евра. Највисока бруто месечна минимална плата има во Црна Гора, 670 евра па Србија, со 618 евра и Македонија со 584 евра. Во двете федерации на Босна и Херцеговина бруто минималната месечна плата се движи од 500 до 660 евра.

