Раст на БДП, 0,2 %
Foto

Раст на БДП, 0,2 %

Во првите три месеци од годината македонската економија е на нула и избегна рецесија. Воведениот „карантин“ во средината на март предизвика минимален раст на БДП од само 0,2%. 

Експертите велат дека годината добро почна, но во март воведените мерки за сузбивање на коронавирусот, донесоа драстична промена: шопинг моловите, хотелите, рестораните и кафулињата мораа да се затворат, голем дел од фабриките престанаа со работа, а откажани беа сите манифестации. Половина месец беше доволен да го сомеле во прав  економски развој во првите два месеци.

Намалување бележат извозот и бруто инвестициите, додека зголемената потрошувачка и јавна и приватна, спречи посилен пад на економијата. 

Но, тоа не е најлошото. Во вториот квартал се очекува уште поголем пад на економијата, зашто тогаш беа воведени најголеми рестрикции. Експертите предвидуваат минус во економскиот раст од дури 12,7%, посебно што рестартирањето на економијата и олабавувањето на мерките не се спроведува како што беше првично планирано, поради новиот бран на заразени со Ковид 19.

„Во овој момент Фајнанс тинк ја задржува првичната проекција за пад на економијата за цела 2020 година од 3,8% и пад на вториот квартал од 12,7%. Сепак би сакале да истакнеме дека ваквите стапки се особено изразен негативен ризик затоа што главните претпоставки беа дека олабавувањето од рестриктивните мерки ќе започне веќе во втората половина од мај. Меѓутоа забележуваме дека постои ризик од евентуален втор пик кој што кој ќе ги одложи рестриктивните мерки да траат и понатаму“ - вели Благица Петрески, од институтот „Фајнанс тинк“.

Иако кон крајот на годината се очекува попозитивен развој, сепак економијата се смета за промашена. Сите проценки на меѓународните, но и на домашните институции ја носат македонската економија во минус. 

Светска банка даде најпозитивни прогнози за растот. Очекува пад од -1,4 до -3,2%. Министерството за финансии очекува економијата годинава да падне на -3,4%, Народната банка на -3,5%. 

Најлошо сценарија предвидуваат ЕК и ММФ. Според нив економијата ќе оди во минус 3,9%, односно -4%.

0 Коментари

Остави коментари