Расправија со лекари ги натерало трите медицински сестри да поднесат оставка на инфективна
Расправија на повисок тон со раководните лица била причината за три медицински сестри од инфективната клиника во Скопје да си дадат отказ од работа. Ова го тврди министерот за здравство кој утринава се сретнал со сестрите кои моментално се на одмор и на кои им тече отказниот рок.
Меѓу сестрите кои сакаат да си заминат од клиниката е и главната сестра со три децениски стаж, која во барањето за прекин на работниот однос како причина го наведува непочитувањето и деградирањето на профилот медицинска сестра.
Министерот ја смирува топката – по средбата со сестрите ќе се сретнел и со раководстовото на клиниката и е оптимист дека проблемот со комуникацијата помеѓу вработените ќе се реши. Филипче се надева дека откако ќе им заврши одморот, сестрите ќе се вратат на работа во клиниката.
„Свесен сум дека работат сите под притисок, дека дел од нив се исцрпени, често работат по 24 часа, и една таква стресна ситуација доведува некогаш и до немили ситуации во кој што и со колегите и колешките и медицинските сестри како што бил случајот сега, комуникација на повисок тон, за што сега сите жалат.“ - изјави Филипче.
Директорката на инфективната клиника не се огласи за случајот, а од здружението на медицински сестри велат дека овој настан е само потврда за катастрофалниот статус на сестрите во македонското здравство.
Повторно побараа да се донесе закон за сестринската дејност со кој што ќе се регулира оваа професија и порачаа дека откако ќе заврши пандемијата уште многу медицински сестри подготвуваат документи за да си заминат од јавното здравство.
„Проблемот потекнува од базата, а тоа е немањето на закон и тоа се прелева во вакви незадоволства во здравствените институции. Ќе имаме вакви случаеви многу, ако не се реши статусот. Во овој момент неможноста за да заминат преку граница во другите земји за да можат да работат е тоа што ги оспорува, инаку ве уверувам дека кога ќе заврши пандемијата, голем број на сестри ќе се одлеат. Ние ќе се сретнеме со уште поголем одлив. Нашите информации во моментов говорат дека голем дел веќе полагаат завршни испити во соседните земји и само чекаат крај на пандемијата и да си заминат.“ - изјави Гордана Бешлиоска – Унија на медицински сестри.
Случајот со отказите на медицинските сестри го искористи и опозицијата. Од комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ велат дека тоа е доказ дека здравстениот систем не функционира онака како што се прикажува во јавноста.
„Отказите на медицинските сестри се голем пораз за Филипче. Отказите се доказ дека здравствениот систем не функционира онака како што убедува Филипче и дека кажувањата на Филипче дека се е под контрола во борбата против корона вирусот се лага.“ - велат од Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.
Отказите на трите медицински сестри доаѓаат во време на пандемија со коронавирус кога Инфективната клиника заедно со ГОБ “ Септември“ се главните установи за лекувањето на пациентите со Ковид-19.