Раскол во Алтернатива: Чаирскиот огранок бара оставка од миниситерот за здравство Сали
Членови на Алтернатива од огранокот во Чаир бараат партискиот претседател да иницира разрешување на нивниот сопартиец Беким Сали од функцијата министер за здравство бидејќи изминатите 10 месеци не ги унапредил албанските кадри во клиниките и болниците како што било договорено. Огранокот во Чаир, пак, се огради од нив посочувајќи дека станува збор за лични незадоволства.
Незадоволните членови, предводени од Меритон Цивули, кој е поранешен шеф на кабинет на Сали, денеска излегоа на прес-конференција, се претставија како членови на Централниот комитет на Алтернатива од огранокот во Чаир и јавно реагираа зашто партискиот претседател Африм Гаши не сака да им одговори на нивните реакции за министерот. Рекоа дека излегле јавно токму тие бидејќи Сали е од нивниот огранок, но незадоволство има во партиските структури во цела држава.
Меѓу причините за нивното незадоволство наведоа дека не е исполнет договорот за местата што требало да ги добијат на универзитетските клиники и за претседател на Управниот одбор во Фондот за здравство, но и неименувањето на главни медицински сестри Албанки во болниците, непоставувањето на ниту еден шеф Албанец, немањето ниту еден капитален проект во албанските населени места итн.