Рашковски ќе поднесе кривична пријава против обвинителките Русковска и Трајчева

Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски денеска најави дека идната недела ќе поднесе кривични пријави против обвинителките Вилма Русковска и Ивана Трајчева, за како што вели во дописот до јавноста криење и фалсификување докази како и за ставање на товар на кривични дела за кои, како што тврди тој, се знае дека не се случиле. 

Рашковски  најавува и поднесување на претставка до Советот на јавни обвинители. 

Обраќајќи ѝ се на Русковска, поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски тврди дека со случајот „Софтвери“ во кои тој е обвинет, обвинителката сакала да ја покрие својата неефикасност и непрофесионалност... 

„Кога повикувате некој да следи случај, треба да знаете дека уште пред 60 години во САД е воспоставено правилото на Брејди со кое обвинителите се обврзани да достават до судот и до обвинетиот сè она со кое располагаат, независно во чија полза е. За прв пат се сложувам со Русковска. И не само што се сложувам, туку и ќе ми биде особено драго доколку сите претставници на странски институции во државата со кои делиме исти вредности го следат овој случај чијшто императив не е само докажување на злонамерно постапување на обвинителите и невиност на обвинетите, туку поголем е императивот на прогрес на правосудството“, вели Рашковски во својот допис до јавноста.