Рамадани во СТУДИО 10: Владата на ВМРО-ДПМНЕ треба да се покаже во надворешната политика и меѓуетничките односи, се друго е изводливо

Секогаш треба да се надеваме дека една нова влада ќе работи подобро. И самиот премиер Мицкоски потенцираше дека и тој и сите министри во Владата ќе се посветат најмногу за унапредување на животот на граѓаните и економијата на државата. Мислам дека многу треба да се внимава на две компоненти на кои ВМРО-ДПМНЕ како предводничка на Владата треба да го положи испитот - во надворешната политика и во сочувувањето и надградувањето на меѓуетничката хармонија. Ако за овие две работи најде начин да се носи, тогаш другите работи, ако се сака и ако се влезе сериозно, се остварливи најави и ветувања, вели политичкиот аналитичар Исмет Рамадани во СТУДИО 10 на ТВ 24.

- Јас веќе 25 години поддржува европски вредности и ако сум промовирал вакви вредности нормално е дека сум бил со некој политички субјект додека ги исполнувал овие вредности. Ако тие политички субјекти престанат да ги исполнуваат тие вредности, тогаш јас немам ништо заедничко со нив. Сега е рано да упатиме критики до новата Влада која сега е во фаза на преземање на позициите. Намерно ги потенцирав меѓуетничките односи оти обично конзервативните, народните партии треба да внимаваат да се држат во тој концепт без да скршнат во екстремно десна позиција. Треба да внимаваат да не бидат блиски до популистите. Оти времето е такво. Сега е лесно да се создаде популист со помош на социјалните мрежи. А на тој популизам мора многу да се внимава во мали, мултиетнички општества. Јас верувам и сакам да верувам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе внимава да се одржи во рамките на доктрината на европските народни партии, а тоа е умерена десна партија, вели Рамадани.