Рамадани во СТУДИО 10: Ако на маса не се уставните измени пред избори, тогаш на масата нема ништо што води кон ЕУ
Кога прв пат функција премиер има еден Албанец тоа позитивно одекнува кај Албанците со тоа што се чувствуваат дека Албанците полека и сигурно ги остваруваат правата за кои мислеле дека треба да се рамноправни. Тоа се остварува со демократски средства, па секако им значи на Албанците, а верувам дека и Македонците тоа го сфаќаат како нешто нормално. Секако има и такви кои мислат дека Албанец не може да врши такви функции, но со текот на годините бројот на таквите се повеќе се намалува и табуата се надминуваат. Сето ова е добро оти ја поттикнува и лојалноста на Албанците кон државата на која припаѓаат, вели политичкиот аналитичар Исмет Рамадани во СТУДИО 10 на ТВ 24.
- Ако ВМРО-ДПМНЕ ја бојкотира ооваа техничка влада ќе се појави она вистинското во таа партија а тоа е антиалбанството. Тоа е погрешно оти и ВМРО-ДПМНЕ ќе биде стигматизирана како националистичка и албанофобна. Како што настапува ВМРО-ДПМНЕ на ДУИ толку не им треба кампања. Колку повеќе ја напаѓаат ДУИ толку повеќе ќе расте бројот на гласачи на ДУИ со што се стеснува можноста на албанската опозиција да издејствува подобра позиција на следните избори. Ова наликува како да има договор за ВМРО-ДПМНЕ ако победи на избори како партнер да го има ДУИ. Кај Албанците Ахмети и ДУИ се уште се партија која не може да се победи, а кон тоа придонесува и ВМРО-ДПМНЕ, вели Рамадани.
Тој додава дека улога има и тоа што сега кога сме на прагот на отворање на поглавјата од преговорите со ЕУ, после 30 години премрежја, а ВМРО-ДПМНЕ го блокира тоа со одбивањето да гласа за уставни измени, што оди во прилог на ДУИ.
- Европскиот фронт може да биде ветер во грбот оти мнозинството од граѓаните се за влегување во ЕУ. Но, кај албанскиот блок е проблем што сега има осум партии кои е тешко да се изменаџираат во таков европски фронт во ситуација кога и опоозицијата е европски сојуз и е бесмислено да се стават во кошот на антиевропска коалиција, вели Рамадани и додава дека Меџити и неговата партија е во конфликт со ДУИ, но повеќе би влегле во коалиција со СДСМ.
Рамадани вели дека ако на маса не се уставните измени, тогаш на масата нема ништо што може да се понуди оти уставните измени водат кон ЕУ.