Рајнтке: Отстапувањето од зелените политики на ЕУ би претставувало економска катастрофа

Отстапувањето од Европскиот зелен договор и од она што досега е постигнато во однос на климатските и еколошките прашања, би претставувало катастрофа не само за природата, туку и за економијата, вели водечката кандидатка на европските Зелени за изборите за Европарламентот во јуни годинава, актуелната германска европратеничка Тери Рајнтке во интервју за Европската новинска мрежа (ЕНР), чиј дел е и МИА. 

- Доколку во следниот Европски парламент, со поинакво мнозинство, дојде до ненадејна промена, тоа би претставувало економска катастрофа. Тоа би испратило сигнал дека не сме сериозни, дека немаме јасен курс каде сакаме да одиме. Од климатска перспектива, но и од економска перспектива, мораме да се погрижиме да продолжиме и дури и да го прошириме Зелениот договор и да обезбедиме инвестиции за да ги спроведеме и оствариме нашите цели, вели Рајнтке. 

Таа нагласува дека политичарите ако сакаат да бидат реални и одговорни, треба да ги исполнуваат ветувањата што ги даваат.  

- За време на овој Законодавен дом беа остварени многу ветувања и донесени многу закони. Во следниот Законодавен дом треба да се погрижиме да испорачаме, додава Рајнтке. 

Според неа, иако актуелната Европска комисија започна со спроведување програма која многу јасно ја поставуваше Европа на патеката за климатска неутралност, сепак во изминатите година и половина настанале промени што ги забавиле нејзините зелени амбиции, особено откако Европската народна партија „се сврте против сопствената претседателка на Комисијата“, Урсула фон дер Лајен.  

- Значи, постоеше правилна насока што беше обликувана на почетокот, но сега се поставува прашањето дали ова ќе продолжи и во вториот мандат ако Урсула фон дер Лајен повторно биде избрана за претседателка на Комисијата? Тоа многу ќе зависи од партнерите кои ќе го формираат мнозинството, вели Рајнтке, нагласувајќи дека услов за вклучување на Зелените во мнозинството во Европарламентот ќе биде продолжување на спроведувањето на Европскиот зелени договор. 

Таа потенцира дека Зелените досега биле „многу конструктивен дел од мнозинството“ во Европскиот парламент и секогаш однапред транспарентно кажувале како ќе гласаат за одредени предлози, нагласувајќи дека „продолжувањето и проширувањето на Зелениот договор“ ќе биде клучно за евентуална нивна поддршка за реизбор на Фон дер Лајен. 

- Зелениот договор е тесно поврзан со инвестициите... Ќе ни требаат инвестиции во инфраструктурата, за обновата, за зелената трансформација на компаниите. Тоа ќе биде клучно за нас, заедно со спроведување на праведна општествена транзиција. Се уште не сме ја завршиле домашната задача до степен до кој би сакале да ја видиме, нагласува Рајнтке. 

Според неа, услов за поддршка на реизборот на Фон дер Лајен од страна на Зелените ќе биде во новото мнозинство во која било форма да не биде вклучена ниту една екстремно десничарска партија. 

- Ни треба јасна посветеност на владеењето на правото и демократијата. Ако ЕПП се обиде, на пример, да ги вклучи Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР) во коалицијата или мнозинството, би постоела многу голема опасност за промена на достигнувањата на сегашниот законодавен дом или барем да бидат ставени во мирување и да не продолжи нивното спроведување. Тоа би било клучно прашање за да ја поддржиме Урсула фон дер Лајен во следниот законодавен дом, вели Рајнтке, додавајќи дека сепак пред да гласаат за нејзиниот евентуален реизбор и да станат дел од мнозинството, Зелените ќе бараат од актуелната претседателка на Еврокомисијата договор на писмено за одредени клучни прашања.  

Според Рајнтке, некои од дебатите за зелените прашања се засноваат на дезинформации и популистички тврдења пред се од страна на екстремно десничарските и авторитарните десничарски партии, но дека понекогаш и ЕПП „паѓа во оваа замка“. 

- Мислам дека постои реална опасност доколку немаме проевропско демократско мнозинство во следниот Европски парламент. Не само што би го забавиле Зелениот договор, туку и дел од напредокот би се вратил назад - со сите негови последици. Тоа би било катастрофално за Европа, вели Рајнтке. 

Во однос на нејзиното предупредување на неодамнешниот конгрес на Европските зелени во Лион за постењето на ризик од „екстремнодесничарски бран во европската политика“, Рајнтке вели дека во Европа долго време немаше силна екстремна десница, но сега постои закана од нејзин дополнителен подем на евроизборите, што, според неа, претставува „многу негативен развој на настаните“.  

- Поместувањето в десно не е фатален автоматизам. Затоа треба да имаме тројна стратегија: Прво, да се спротивставиме на идеите на екстремната десница за омраза, поделби и за поттикнување на различни групи во општеството едни против други. Ние како Зелени ќе бидеме многу цврсти во тоа и тука имаме многу јасен став. Второ, а тоа го видовме неодамна во Германија, мораме да ги потсетиме конзервативните и либералните партии дека гласачите нема да го ценат фактот што сакаат да ја прекинат праксата на изолирање на екстремната десница во следниот Европски парламент. Мораме да ги потсетиме колку е важно да се има многу јасен став за тоа кој ги носи проевропските демократски одлуки, а кој не. И на крај, тоа го видовме особено во случајот со Шпанија - мора да се спротивставиме на екстремната десница, а во исто време да се погрижиме да говориме за нејзината алтернатива. Разбирлива е големата несигурност меѓу граѓаните: имаме зголемени закани по глобалниот светски поредок, инфлација, луѓето се борат да сврзат крај со крај... Сакам да дадам одговори на нивните секојдневни животни борби, тоа е она што навистина сакам да го донесам во оваа изборна кампања, потенцира Рајнтке. 

Кога станува збор за протестите на земјоделците и нивните барања за „олабавување“ на некои еколошки правила и норми, Рајнтке вели дека земјоделското движење е дифузно со многу различни групи, од кои некои се радикализирани, а некои „дури и поттикнати од екстремната десница“.  

- Но, има и многу земјоделци на улиците, луѓе кои работат на фарми, кои имаат очигледни проблеми, економски проблеми, за кои треба да се грижи Европската Унија. Потребен ни е структуриран дијалог за да ги слушнеме овие актуелни грижи и да се обидеме да најдеме одговори на нив. Сакам само да разјаснам една работа: во дебатата многу често, конфликтот сега е врамен како земјоделците да се против Зелениот договор. Во реалноста, тешката ситуација на земјоделците во Европа не еволуираше во последните пет години. Во последните 15 години, повеќе од една третина од фармите во Европа мораа да бидат затворени, многу пред да се зборува за Зелениот договор во мејнстрим политиката, додава зелената „шпиценкандидатка“. 

Затоа, според неа, треба да се види што не е во ред со европската земјоделска политика со цел да се отстрани притисокот врз земјоделците и да им се овозможи да опстојуваат одржливо, но и да постојат мерки за заштита на биолошката разновидност и климата.  

- Сето ова е можно, но треба да го промениме начинот на кој ја водиме земјоделската политика на европско ниво, додава Рајнтке. 

Во врска со предлозите за воведување на функцијата еврокомесар за одбрана, Рајнтке вели дека оваа позиција сама по себе нема да ја заврши работата, туку дека ЕУ треба да ја промени својата позиција кога станува збор за безбедноста и одбраната. 

- Проблем не е Европскиот парламент, а не е нужно ниту Комисијата. Тоа е до земјите членки и во нивната подготвеност за исполнување на обврските... Тоа е нешто што треба да го промениме. Земјите членки треба да разберат дека ако сакаат да инвестираат во долгорочна безбедносна стратегија, тоа треба да го направат европски. Но, и ако сакаат ефикасно да инвестираат, тоа мора да го направат на европски начин и да бидат меѓусебно координирани, вели Рајнтке. 

Според неа, целата на дебата за одбраната и безбедноста не може да заврши само со дискусии за одбранбените трошоци.  

- Ако сакаме да имаме долгорочна безбедносна стратегија, треба да зборуваме за начинот на владеење и за фактот дека во моментов во надворешната и безбедносната политика имаме гласање со консензус во Советот, така што луѓе како (унгарскиот премиер) Виктор Орбан, во основа можат да стават вето на се, потенцира лидерката на европските Зелени. 

Таа потенцира дека всушност Зелениот договор не е само политика за климата, туку е и безбедносна политика, бидејќи ако ЕУ не сака повеќе да зависи од диктатори како рускиот претседател Владимир Путин, мора да го намали увозот на фосилни горива, да ги зголеми обновливите извори на енергија и да воспостави подобро организиран систем на гасоводи. 

Рајнтке вели дека Зелените на претстојните европски избори очекуваат повторување на „добриот резултат“ од 2019 година, со зголемување на географската разновидност на пратеничката група.  

- Зелениот бран во 2019 година најмногу го зафати северот и западот на Европа, а сега работиме на тоа да го прошириме и на југ и на исток, вели Рајнтке, најавувајќи дека за таа цел ќе се посветат на прашања кои се актуелни во земјите од Јужна и Источна Европа. 

За можното окрупнување на пратеничката група на Зелените во Европарламентот со приклучување кон неа на италијанското Движење Пет ѕвезди (М5С) и шпанската федерација Здружени (Сумар), Рајнтке вели дека воделе разговори со Италијанците но засега „нема нов развој на настаните“, додека во однос на коалицијата од Шпанија, изрази надеж дека од нејзиниот состав на изборите ќе произлезе и „зелен европратеник“.