Радев со нов услов: Прво Бугарите во Уставот, па преговори со ЕУ

Официјална Софија бара - прво македонските Бугари во Уставот, па старт на преговорите со ЕУ. Ваков услов испорача бугарскиот претседател Румен Радев на новата средба со делегацијата на македонски Бугари во Софија. Според Радев ова не е мешање во внатрешните работи на Македонија, туку пат заснован врз европски принципи. 

- Впишувањето на македонските Бугари во Уставот на РСМ да биде задолжителен услов за за давање согласност од страна на Бугарија за почеток на преговорите. - изјкави Румен Радев претседател на Р. Бугарија.

А предводникот на делегацијата на македонски Бугари, Петар Колев побара помош од Радев за да се расветли, според него историската вистина. 

- Сакаме јасно да биде заштитено бугарското културно и историско наследство во РС Македонија, бидејќи секојдневно со сопствени очи гледаме како тоа се руши. - рече Колев.

Бугарскиот премиер Кирил Петков веќе изјави дека Скопје и Софија со заеднички предлог ќе настапат во ЕУ а вметнувањето на Бугарите во Македонскиот Устав да оди преку Брисел. Од македонската страна пак се молчи - нема одговор дали се преговара некоја од точките на пакетот 4 +1 да влезе во преговарачката рамка, освен потврда дека ќе има нов документ со Софија.  

Експертите децидни - Македонија си ги минира позициите, владата прави отстапки и место европеизација ќе има бугаризација. 

Малинка Ристевска Јорданова ЕПИ – Ги минираме сопствените позиции кои што претходно ги држевме и тоа на сите фронтови одеднаш. Иако и Ковачевски и министерот Османи тврдат дека преговорите се движат во рамките на собраниската резолуција, тие го издвојуваат само јазикот, сите други прашања ги тргаат настрана, меѓутоа сите тие пршања се дел од идентиотетските прашања. 

Ристевска Јорданова порачува владата да ја крене рачната сопирачка во преговорите со Бугарија на помек начин, разбирлив за останатите земји-членки на ЕУ.

Шефот на дипломатијата Османи денеска побара совети и сугестии од поранешните македонски амбасадори во Бугарија со цел брзо и ефикасно решение на спорот.