Радев и Мицотакис на средби за ставовите на македонската влада
Грција и Бугарија во здружена кооординација за односите со Скопје, Мицотакис и Радев на средба во Атина, една од темите – Македонија.
Бугарскиот претседател Румен Радев денеска учествува на конференција на Економист, но во фокусот се средбите со грчкиот премиер Мицотакис и претседателката Сакеларопулу.
Во премиерската резиденција „Максимос“ во Атина, се очекува на заедничка маса Радев и Мицотакис да ја отворат темата за Македонија и односите со новата македонска власт.
Во меѓувреме, двајцата поранешни грчки премиери и претседатели на владејачката Нова Демократија, Костас Караманлис и Антонис Самарас искористија настан во Воениот музеј во Атина и повикаа на нови вета кон Скопје, по принципот на Бугарија, но и повлекување од Преспанскиот Договор.
Антонис Самарас премиер на Грција ( 2012 – 2015 ) - Сликата на нашата земја е потресна. Јадеме навреда, понижување, едно по друго! Од Скопјани, Албанци и секако нашите „пријатели“ Турците. Го повикувам премиерот веднаш да одлучи да ја промени надворешната политика што ја следи. Да стави вето за Албанија. Да подготви, преку создавање на силна правна и политичка група на експерти, повлекување од национално опасниот Договор од Преспа. Да стави, како Бугарија, вето на секој чекор на Скопје, чиј иредентизам мораме сега и насекаде да го пријавиме.
Самарас го впери прстот и кон претседателката Сиљановска Давкова и нејзината средба со Здруженијата на децата бегалци од Егејска Македонија и праша- Што друго треба Грција да слушне за да се разбуди?
Меѓу присутните можеа да се видат голем број пратеници на Нова Демократија, министри во владата на Мицотакис, екс шефицата на грчката дипломатија Бакојани, но и владиниот портпарол Маринакис.
И додека Грција и Бугарија се координираат, премиерот Мицкоски вчера порача дека Преспанскиот Договор е реалност и најави репреговарање со Софија.
Христијан Мицкоски премиер на Македонија – Што се однесува до Преспа ние уште пред многу години го имаме кажано нашиот став, а тоа е декатој договор е реалност и дека е дел од правниот и уставниот поредок на Македонија и тука не треба никој да има никаква дилема. Но, диктати и ултиматуми не преговараме. Ако можел Договорот за добрососедство да биде репреговаран и на него да му се додаде т.н. француски предлог, не гледам причина зошто да не се додаде и некој француски предлог плус.
И покрај тоа што Мицкоски вели дека ќе го почитува Преспанскиот Договор, вербалната употреба на името Македонија во соседна Грција се толкува како обид за репреговарање и можност за идни блокади кон Скопје.
Од официјална Софија пак континуирано пристигнуваат пораките дека промена на преговарачката рамка нема да има, а позициите ќе останат исти и по промената на власта во Бугарија.