Рацинови средби

Со доделување на признанијата, синоќа во Велес заврши 62-то издание на меѓународната поетска манифестација Рацинови средби. Годинешен лауреат е македонската писателка Оливера Ќорвезироска, која наградата ја доби за својот роман „Три Марии“. Според комисијата која ценеше повеќе од дваесет аплицирани книги, романот на Ќорвезироска го оцени како најдобар, напишан помеѓу две манифестации.

Тоа е современ роман, омаж на Славко Јаневски, инспириран од неговиот класик „Две Марии“. Авторката ги поврзува приказните на три жени со истото име, кои бараат спас во истиот изнајмен стан. Во романот се преплетуваат фолклорни обичаи и верувања од македонскиот североисток, создавајќи уникатна современа приказна со етнолошка димензија. Ќорвезироска е возбудена што ја добива наградата, која го носи името на Рацин.

Во традиционалната беседа за Рацин, кој годинава честа да ја изложи ја имаше македонскиот еминетен писател и професор Венко Андоновски, тој го спореди големиот поет и писател од Велес со основоположникот на епскиот театар и критичкото осветлување на социјалните и политичките теми Бертолд Брехт. За Андоновски, Рацин е не е само социјален поет, туку предвесник на се она што и недостасувало на македонската литературна сцена во 19 век и почетокот на 20 век, вклучувајќи ја и љубовната лирика.

Традиционалното Почесно Рациново признание за луѓе кои го афирмираат македoнскиот јазик и литература во светот, годинава го доби проф. д-р Намита Субиото од Словенија. Таа е истакнат македонист која три децении го афирмира македонскиот јазик, литература и култура на угледниот Универзитет во Љубљана, кој претставува расадник на македонистиката. Во текот на петте дена колку што траеше манифестацијата се одржаа неколку промоции на книги и трибини, а се одржа и традиционалниот Симпозиум на Институтот за македонски јазик. Рациновите средби завршија со меѓународен поетски митинг, на кој, освен домашни, учествуваа и поети од странство.