Путин ги потпиша законите со кои четири украински региони се припојуваат кон Русија

Со ставање потпис на Законите за влез на украинските територии во состав на Русија, и формално рускиот претседател Владимир Путин ја официјализираше анексијата на Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје.  За САД, ЕУ и НАТО овој чин е спротивен на меѓународното право. Документите се објавени на интернет портал за правни информации. 

„Границите на новите субјекти со други земји ќе се сметаат за државни граници на Русија. Според законите, жителите на новите региони се сметаат за руски државјани од денот кога териториите биле прифатени во Русија на 30 септември“.

На почетокот на неделава двата дома на рускиот Парламент ги ратификуваа договорите со кои четирите украински региони се приклучуваат кон Русија. Формалностите следеа по „референдумите“ организирани од Кремљ во четирите региони, кои Украина и Западот ги отфрлија како лажни. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека украинската армија постигнала голем, брз напредок против руските сили и ослободила десетици градови на југот и на истокот на земјата. 

„Украинската армија напредува на прилично брз и моќен начин на југот на земјата во контекст на сегашната одбранбена операција. Само оваа недела, по рускиот псевдореферендум, ослободени се десетици населени места во регионите Керсон, Харков, Луганск и Доњецк.“ - изјави Володимир Зеленски претседател на Украина.

Во меѓувреме, американските власти соопштија дека немаат информации за да ги потврдат медиумските извештаи дека Русија се подготвува да употреби тактичко нуклеарно оружје на бојното поле во Украина. 

„САД не виделе никаква причина да ја приспособат сопствената стратешка нуклеарна позиција. Немаме индикации дека Русија се подготвува непосредно да употреби нуклеарно оружје.“ - изјави Карин Жан Пјер портпаролка на Белата куќа.

И НАТО не забележал никакви промени во руската нуклеарна стратегија, но е во состојба на готовност, велат од Алијансата. Москва, пак, соопшти дека во Украина целата НАТО Алијанса се бори против Русија. 

„Блокот на НАТО во основа се бори против нас, неговите членки му обезбедуваат на режимот во Киев тешко оружје, муниција, разузнавачки податоци, обезбедуваат обука за воени специјалисти.“ - изјави Николај Патрушев секретар на Советот за безбедност на Русија.

Земјите-членки на Европската унија постигнаа договор за нови санкции против Русија поради нејзината агресија врз Украина.