Пуштена во употреба патарината кај Гевгелија
Новата патарина на автопатската делница Демир Капија – Смоквица е пуштена во употреба изутрина во седум часот.
Според ценовникот на Јавното претпријатие за државни патишта – ЈПДП, цената за возила од Б категорија со две осовини ќе изнесува 100 денари додека при готовинско плаќање во евра таа ќе изнесува 2 евра.
Јавното претпријатие за државни патишта од почетокот на годинава, па заклучно со јули, од наплата на патарина остварило приходи во износ од 1.434.012.792 денари (23,5 милиони евра) или за 3,97 проценти повеќе во однос на истиот период лани.
Електронското плаќање од минатиот месец е достапно на наплатните станици на Коридорот 10: Романовце, Петровец, Сопот, Отовица и Градско. Во тек е надградба за прилагодување на системот за електронска наплата на патарина за возила од прва категорија А, односни мотори.
Во наредниот период ќе се градат две нови патарини на автопатот Миладиновци – Штип и една на автопатот во изградба Кичево-Охрид, а ќе се воспостави електронска наплата и на патарините на Коридорот 8 (Миладиновци, Глумово, Желино, Тетово и Гостивар). Во тек е евалуација на понудите за избор на најповолен понудувач на тендерот за изградба на патарините и електронската наплата што беше распишан во јуни годинава е во вредност од 13 милиони евра обезбедени со заем од Европската банка за обнова и развој.