Пуштен во употреба експресниот пат Фариш - Дреново - од Скопје до Прилеп за час и 15 мин

Од Скопје до Прилеп за еден час. Од денеска се вози по целата делница од новиот експресен пат Градско - Прилеп. Пуштени се последните 10 километри од Дреново до Фариш, кои, поради тешкиот терен, безмалку една деценија им правеа проблем и на градежниците и на властите.

Делницата поминува низ Дреновската клисура, кој мораше да биде пробиена и да заврши со тунели, преку кои се спојува со стариот експресен пат кон Плетвар. Колку е опасен овој терен, сликовито објасни и првиот човек на Државни партишта Коце Трајановски.

Поместивме планина за да го изградиме овој пат, вели министерот за транспорт, Александар Николовски, кој додаде дека оваа делница е втора најтешка за работа после автопатот Охрид-Кичево, критикувајќи ја претходната влада за лоша изведба.

Реагираше СДСМ. Од најголемата опозициска партија тврдат дека овој патен правец, долг 10,2 километри и вреден над 33 милиони евра, е еден од најсложените проекти на оваа траса, со изградба на два тунели, 21 мост, вијадукт, галерија и други клучни конструкции – сите завршени со над 90% во мандатот на СДСМ.

- ВМРО-ДПМНЕ, по цела година власт, се слика на отворање на пат за кој само санираа едно свлечиште, поставија сигнализација и неколку огради.

Врати премиерот Христијан Мицкоски. Ова е време кога ќе градиме, наместо по принципот на претходниците кои крадеа, рече тој.

Новиот експресен пат, кој почнува веднаш по напратната рампа кај Градско и се спојува со делот кон Плетвар на кој почнува третата лента, е долг околу 40 километри. Изградбата ја финансираше Европската банка за обнова и развој. Со неговото пуштање во употреба, се избегнува стариот пат, кој поради лошата конфигурација и честите непрегледни кривини, секоја година земаше десетици жртви во сообраќајни несреќи.