Пукање во трговскиот центар “Ист гејт“ - повторно пресметка на мафијашки групи?

Ново пукање во трговскиот центар Ист гејт. Доцна попладнево во гражинот простор се слушнале серија на истрели по што почнала паника меѓу луѓето. Лица присутни во тој момент за ТВ 24 велат дека слушнале канонада од истрели по што посетителите почнале да бегаат.

Од полицијата потврдија за оружениот инцидент во Ист Гејт Мол кој се случи попладнево.

- Денеска (24.10) од трговскиот центар Ист Гејт во Скопје е пријавено дека било пукано кон две лица кои се здобиле со повреди и се пренесени во болница за укажување помош. Полициски екипи се упатени на лице место и се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопштија од МВР.

Инаку по денешното пукање во „Ист гејт мол“, едно лице е во критична состојба, а друго е пренесено на Клиниката за торакална хирургија. Информацијата ја потврди директорот на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје, Љубен Арсенков.

- Двајца пациенти се примени во болницата, станува збор за две машки лица. Едниот пациент е задржан кај нас, веднаш е однесен во операциона сала поради сериозноста на повредите. Во моментов се изведува оперативен зафат кај овој пациент. Во тешка состојба е и врз него се врши оперативен зафат поради повреди во стомакот и во градната шуплина. Другиот е препратен на Клиниката за торакална хирургија. И кај едниот и кај другиот пациент се работи за прострелни рани, појасни Арсенков.