Пукање во трговскиот центар “Ист гејт“
Лицето на фотографијата е лице по кое трага Министерството за внатрешни работи, а денеска рани две лица во трговскиот центар „Ист Гејт“. Фотографијата е направена од камерите во трговскиот центар.
Едно лице е во критична состојба и е префлено во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, а другото лице е пренесено на Клиниката за торакална хирургија. Според првичните неофицијални информации едното рането лице е Раде Трајковски-Штекли. Министерството за внатрешни работи трага по лицето кое пукало и ги повикуваат граѓаните доколку имаат некакви сознанија за сторителот да пријават.
- На фотографијата обезбедена од полициските служби е лицето што го изврши кривично-правниот настан. Ги повикуваме сите граѓани доколку го забележат ова лице, имаат било какви сознанија за него или корисна информација која може да помогне во истрагата која СВР Скопје ја води во координација со Јавен обвинител, веднаш да известат во најблиската полициска станица или да пријават на телефонските броеви 192 или 112. - велат од МВР.
Мета на нападот бил Раде Трајковски-Штекли-лице кое има криминално досие и пред две години беше екстрадиран од Србија и за кој имало потерница, а информациите зборуваат дека истото лице било мета и на денешниот напад но и нападот пред два месеци на иста локација-во Ист Гејт. Од менанџментот на Ист Гејт велат дека се работи за изолиран инцидент, лоциран на подземните нивоа во трговскиот центар.
- Надлежните служби вршат увид на местото на настанот, но трговскиот центар продолжува со утврдениот нормален режим на работа до 22:00 часот. Трговскиот центар е обезбеден со соодветно физичко обезбедување и технички системи за безбедност и мониторинг наменети за обезбедување на сигурноста и безбедноста на посетителите. - велат од Трговски центар Ист Гејт.
Директорот на болницата „Свети Наум Охридски“, д-р Љубен Арсенков вели дека двајцата пациенти се примени во тешка состојба, со сериозни прострелни рани во пределот на стомакот и градниот кош.
Лица присутни во тој момент за тв 24 велат дека слушнале канонада од истрели по што посетителите почнале да бегаат. Ова не е прво пукање во Ист Гејт.
Според неофицијалните информации, денешното случување се поврзува со случувањето-пукањето од 25-ти август. Тогаш неофицијалните информации велеа дека станува збор за две криминални групи.
На 25.08 и тогаш и сега информациите упатуваат на пресметка на мафијашки групи, а изминатиов период имаше престрелки и на други локации во Скопје.