Психијатри ќе утврдуваат дали свесно го усмртиле дали тројцата намерно го убиле човекот во Кавадарци
Тројца мажи од Кавадарци се во притвор и под истрага поради смртта на 43-годишниот Панче Толов, кој вчераутро беше до смрт претепан пред казино во овој град. Според Обвинителството, нападот започнал со вербална расправија во казиното, која брзо ескалирала.
Осомничените, еден на 26, друг на 27 и трет на 35 години, излегле со оштетениот надвор, каде продолжиле да го удираат со тупаници и клоци по главата и телото. Толов се обидел повторно да влезе во објектот, но изгубил свест и подоцна починал од тешките повреди. Истрагата треба да утврди дали тројцата имале намера да го лишат од живот, за делото да биде преквалификувано во убиство. Затоа ќе им биде направено и психијатриско вештачење. Засега тие се товарат за тешка телесна повреда со смртни последици.
- Во текот на истражната постапка ќе бидат обезбедени сите докази и ќе се врши психијатриско вештачење на осомничените, па доколку се утврди дека кај нив постоела свест и намера да го лишат од живот оштетениот, можна е преквалификација на делото во убиство.
Јавниот обвинител предложил мерка притвор, образложувајќи дека постои опасност од бегство и влијание врз доказите, особено поради тоа што осомничените веднаш по нападот не се пријавиле во полиција, туку се криеле во стан на еден од нив.
Полицијата информира дека тројцата беа лишени од слобода набргу по настанот, а доказите се обезбедуваат преку увид на местото и преглед на надзорните камери од казиното. Причините за трагичниот напад засега не се официјално познати, но кавадарчани раскажуваат дека можен мотив за расправијата и убиството се лихварство и коцкарски долгови. Ова е второ убиство во Кавадарци во период од еден месец. На 27 јули, брат уби брат и го закопа во шупа.

