ПРЖИНСКА ВЛАДА ВО „АУТ“?
Foto

ПРЖИНСКА ВЛАДА ВО „АУТ“?

Фотелјата на разрешената Рашела Мизрахи, ќе остане празна се до изборот на министрите во новата Влада по изборите. Но нејзините овластувања во Министерството за труд и социјална политика ги презема сегашниот заменик, Ѓонул Бајрактар од Демократската партија на Турците. Неговиот потпис, заедно со потписот на дополнителната заменик министерка Санела Шкријељ ќе стојат на сите документи што ќе гi издава ова Министерство.

„Согласно став 2 на Член 48 од Законот за организација и работа на органите на државната управа во делот 4 што го уредува раководењето со органите на државната управа и нивни меѓусебни односи, се вели дека заменикот го заменува министерот во случај кога тој е отсутен или кога поради болест и други причини не е во можност да ја врши својата функција, со сите негови овластувања и одговорности во раководењето“ - велат од Владата.

Ваквото решение дојде откако Собранието ја разреши Мизрахи, на барање на премиерот, со образложение дека таа ги прекршила Уставот и законите. Иако од СДСМ првично доаѓаа најави дека со Министерството ќе раководи дополнителната заменик-министерка Шкријељ, поради тоа што се работи за техничка влада, таквото решение се покажало како законски неизводливо.

Законот за Влада не предвидел околности како ќе функционира некое министерство во случај на разрешување на техничкиот министер. Такви решенија нема ниту во Изборниот законик, каде што, исто така, е уреден концептот на т.н. пржинска влада. Па владата го нашла решението во Законот за организација на органите на државна управа.

Дел од аналитичарите, сега предупредуваат дека оваа состојба не е во духот на пржинскиот модел на управување. Сметаат дека треба да се размислува за негово укинување. Пржинската влада беше резултат на тогашните околности и требало да биде ад-хок решение само за парламентарните избори во 2016 г. и дека тоа не може да биде системско решение.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, кој не предложи замена за Мизрахи и сега има еден министер помалку во техничката Влада, вели дека не очекува фер кампања.

 

„Досега можам да ја оценам функционирањето на техничката влада и однесувањето на владата пред тоа, како исклучително нефер и недостоинствена во процесот на спроведување фер и демократски избори. Но тоа не треба да биде разбрано како еве ВМРО-ДПМНЕ се жали, напротив. И покрај сите овие предизвици и злоупотреби во буџетот, вештачки вработувања и натрупувања во државната администрација, сè уште несипатеното, а со закон загарантирано финансирање на политичките партии, ВМРО-ДПМНЕ е убеден во мудроста на граѓаните и во огромна победа на 12 април.“ - Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Редовниот заменик-министер Ѓонул Бајрактар дојде на функцијата во јуни 2018 година, по реконструкцијата на Владата откако пратеникот на Демократската партија на Турците, Јусуф Хасани, ја напушти коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ и премина во коалицијата со СДСМ. Во неговата биографија стои дека тој е професор по математика. Пред да ја добие политичката функција, бил наставник и директор во основото училиште Тефеуз.

0 Коментари

Остави коментари