Првото рочиште од судењето за родилката Веапоска

По седум месеци одложувања денеска започна судењето за родилката од Дебар Јилдиз Веапоска која при породување во струшката болница остана без бубрег, матка и јајник.

Во судницата во струшкиот суд денеска Веапоска повторно раскажа за голготата низ која поминала и како во полусвесна состојба ги слушала лекарите како се договараат да и ги извадат органите. И покрај приложените докази пред судијата тужените доктори Мухамед Асаби,Блертон Асани и Лилјана Јованоска се изјаснија дека не чувствуваат вина и побараа ново вештачење за случајот. Веапоска со солзи во очите зборуваше и за нечовечниот однос на лекарите кон неа.

Докторот Асани одби да даде изјава за медиумите бидејќи како што рече со груб тон, не сме биле коректни кон него.

Обвинителството ги гони докторите за тешки дела против здравјето на луѓето. Според обвинението лекарите и ја оштетиле на Веапоска левата бубрежна артерија, и покрај таквата состојба не презеле мерки туку и давале терапија при што таа паднала во шокова состојба и повторно ја оперирале при што и ја отстраниле матката и левиот јајник кои не биле повредени. 

Крварењето не застанало, а со втор зафат откриле дека е оштетена артерија и настанало тешко нарушување на здравјето,тогаш и бил отстранет и левиот бубрег. Потоа била пренесена на Карил во Скопје.

Следното рочиште за случајот е закажано за 10 март во струшкиот Основен суд.