Прво рочиште за случајот со двојното убиство на Вања и Панче - обвинетите се изјаснија за невини
„Тоа што остана од мене е ехо од човек. За мене се' застана тој ден во 7.32ч. Чувствувам болка и агонија и обврска кон судот и Миња за да се разреши целиот случај-стојам на располагање“, рече денеска во Кривичниот суд таткото на Вања, Александар Ѓорчевски.
Додека општеството се обидува да излезе од колективната траума, настан кој се случи кон крајот на минатата година, грабнување и убиството на 14 годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74 годишниот Панче Жежовски од Велес-денеска во обвинителната клупа седнаа Љупчо Палевски Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, кои пред судот изјавија дека не чувствуваат вина.
Одбраната на обвинетите во судницата потенцираше дека ќе го докажат спротивното за она што им се става на товар. Започна судската постапка за како што рече обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска, еден од најтешките кривично-правни настани во Македонија, кој длабоко ја вознемири и се' уште ја вознемирува јавноста.
- Околу 9.30ч Љупчо Палаевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишов, на свиреп начин, со умисла, го лишиле од живот оштетеното дете Вања Ѓорчевска-изложувајќи ја на тешко психичко страдање со силен интензитет. - рече Жаклина Крстевска Јосифовска-Обвинителка во Основно јавно обвинителство.
Љупчо Палевски Палчо неколкупати посочи дека случајот против него е политички монтиран.
- Мотивот е погрешен, вештачки, а обвинителката извршува политичка наредба. Сите видеа и фотографии се излезени од Обвинителството. Таткото на Вања, Александар е колатерална штета. Јас не го познавам Александар. Претходно јас не бегав, не бев во бегство. Отпатував со исправна патна исправа за да направам магнетна резонанца. Имам проблем со кичмата и со десната нога. На 20мај мојата ДНК е внесена во системот-нема совпаѓање.“ - вели Палевски.
Адвокатот на Александар Ѓорчевски, кој се товари за помагање во грабнувањето на Вања, вели дека во воведните говори на Обвинителство никаде не се кажува врз основа на кои докази го темели обинението за стореното кривично дело.
- Јас останувам на тоа дека Александар е жртва, тој е оштетен во оваа постапка, тврдам дека секој родител кој би му се случила ваква работа би го презел апсолутното истото што го презеде и тој односно би одел во насока да води и своја самостојна истрага. Сведоци сте дека обвинението се темели на доказите кои ги прибавил Александар, и тоа со знаење и со согласност на полициските службеници, за кои и јас како бранител барам да бидат испитани и да видиме како и на кој начин, ја воделе постапката, а тврдам дека ова не е водено онака како што треба. Јас сум доведен во позиција да бранам потполно невин човек за кој нема апсолутно ниту еден доказ. - изјави Владимир Туфегџиќ-адвокат на Александар Ѓорчевски.
Пред почетокот на судењето Обвинителството побара јавноста да биде исклучена од целата расправа заради заштита на приватноста на мајката и сестрата на Вања, допонително приложувајќи ги препораките од психијатар и психотерапевт, но судијата Ивица Стефановски го отфрли барањето. Полномошникот на мајката и сестрата на Вања најави дека дополнително ќе оформи отштетно побарување. Следните рочишта се закажани за во окомври, почнувајќи на 7.10 со сведочење на мајката на Вања.