Прво политички консензус, а потоа старт на изградба на Клиничкиот центар во Скопје
Изградбата на клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“ во Скопје ќе чека политички консензус, штипската клиничка болница во изградба-пари. Двете здравствени установи што патот го почнаа заедно заглавија во различни фази.
Изградбата требаше да им стартува по 2015-та кога Македонија зеде кредит од Банката при Советот на Европа, првично 97 милиони евра. Три години подоцна власта, поради промена на локацијата, се премисли па комплексот „Мајка Тереза“ го избриша од Законот за задолжување. Кредитот стана 26,9 милиони евра за да се гради само во Штип. Но, и тука работите не тргнаа на арно, па за седум години се заврши само една третина од објектот, се потрошија 11,3 милиони евра, а Банката го запре остатокот од парите.
Не е готов ни бункерот за акцелераторот во Штип, што почна да се гради две години пред објектот на новата болница. Акцелераторот за зрачење девет години стои во магацин. Добра вест е дека дел од апаратурата набавена со големиот тендер во 2010-та се става во функција. Лоша е што таа буквално една деценија била заборавена.
Најавата за повлекување на Законот за изградба на клинички центар на неговиот претходник, според министерот Сали не значи и откажување на проектот, работна група ќе одлучува меѓу три можни локации. Претходната локација Веле поле останува во игра, но тука е и касарната Илинден, и руинирана болница во која ќе се инвестиура во реконструкција и доградба.