Првите странци денеска ќе ја напуштат Газа и ќе се упатат кон Египет

Извор од палестинската гранична управа во изјава за француски медиуми наведе дека на 81 тешко повреден жител на Газа ќе им биде дозволено да влезат во Египет денеска преку преминот Рафа. Египетски функционер рече дека првите странци што ќе ја напуштат Газа тоа ќе го сторат денеска. 

Египет распореди денеска околу 40 амбулантни возила на преминот Рафа за да пренесе повредени Палестинци во египетските болници на лекување. Генералниот секретар на Црвената полумесечина во Северен Синај, Раед Абдел-Насер, изјави за ДПА дека се очекува околу 80 ранети лица да бидат пренесени во болниците во северен Синај во Египет. Граничниот премин Рафа досега беше единствениот начин да се донесе итно потребната помош во Појасот Газа, кој е затворен од Израел. Минатата недела Египет соопшти дека теренска болница за лекување на Палестинците е формирана во близина на Газа.

Египет ќе дозволи до 400 странци да ја напуштат Газа преку нејзините граници почнувајќи од денеска, изјавија синоќа високи египетски официјални претставници Египетските претставници запознаени со тоа прашање изјавија дека е постигнат договор и со САД и со Израел да им се дозволи на странците и тешко ранетите Палестинци од Газа да заминат од среда. Египетските власти соопштија дека договорот е постигнат со сите страни, вклучително и милитантната група Хамас. Египет првично ќе прими денеска помалку од 100 Палестинци, но се очекува бројот да се зголеми на илјадници во наредните денови, рекоа тие, објави Волстрит џурнал.