Првиот регулатор со порака: Инвестирајте во акции за изградба на ХЕЦ „Чебрен“

Граѓаните наместо во станови, да инвестираат во енергетски проекти и да станат акционери во изградбата на Чебрен. Ваква идеја промовираше претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Ацо Ристов, според кого во Македонија премногу капитал останува вложен во недвижности наместо во производни капацитети.

Тој смета дека покрај кредитите и буџетските средства, треба да се овозможи и граѓаните директно да учествуваат во финансирањето на големите енергетски проекти преку купување акции. Според Ристов, на тој начин тие би можеле да инвестираат во енергетиката и истовремено да остваруваат приход од своите вложувања.

„Енергетиката не е привилегија само на државата, туку можност за сите. При реализација на стратешките објекти, освен класичното кредитирање, треба да се разгледа и можноста за воспоставување модел на акционерско друштво, каде граѓаните ќе може да бидат дел и наместо да купуваат недвижности, да може да ги инвестираат парите во акции преку кои ќе се финансира изградбата.“

Идејата доаѓа во момент кога Владата повторно го отвори прашањето за изградба на Чебрен. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека проектот би можела да го реализира и државата, без приватен партнер.

Според последните проценки, изградбата на хидроенергетскиот систем Чебрен и Галиште би чинела меѓу 1,2 и 1,3 милијарди евра. Иако во последните години значително се зголеми производството од фотоволтаици и ветерни електрани, експертите предупредуваат дека на системот и натаму му е потребен голем капацитет за производство и складирање базна енергија, поради што Чебрен се смета за стратешки проект.

Во таа насока, министерката за енергетика Сања Божиновска вчера изрази очекување дека во иднина ќе има намалување на цената на струјата поради растот на домашното производство. Но, од Здружението на инженери на Македонија бараат поевтина струја веднаш, оценувајќи дека услови за тоа веќе постојат.