ПРВИОТ МАКЕДОНЕЦ СО ВЕШТАЧКО СРЦЕ: НАЈГОЛЕМА ЖЕЛБА МИ Е ДА МИ БИДЕ ТРАНСПЛАНТИРАНО ВИСТИНСКО
Foto

ПРВИОТ МАКЕДОНЕЦ СО ВЕШТАЧКО СРЦЕ: НАЈГОЛЕМА ЖЕЛБА МИ Е ДА МИ БИДЕ ТРАНСПЛАНТИРАНО ВИСТИНСКО

„Сега сум како нинџа желка што се вика, на грбот носам плус седум кила“, вели Горан Спиров – првиот пациент на кој му е вградено вештачко срце.

Горан Спиров е првиот пациент во Македонија на кој му е вградено вештачко срце. Ранчето во кое се наоѓа апаратот кој му го одржува срцето во живот, тежи околу 7 килограми и мора постојано да го носи со себе. Една година по операцијата вели дека се чувствува одлично и дека може да прави се што сака, барем додека тоа му го дозволува векот на апаратот....

„Малку е тешко, апаратот е седум кила, ама се навикнувам полека. Живеам, жив сум, а тоа е најбитно, што кога ќе си легнам навечер, наутро станувам.“ - вели Спиров.

Апаратот на Горан ќе му даде уште неколку години живот се додека не најде донор на живо срце, но дури и да има таква среќа, во земјава нема опција за трансплантација. Докторот Александар Николиќ кој му го вгради вештачкото срце на Горан, вели дека приватните болници имаат и технички и кадровски услови за трансплантација, но не и дозвола од државата.

„Јас не сум политичар, тоа треба да го преземе министерството за здравство, парламентот или некој друг кој што е надлежен за тоа, но треба да се апелира и да ги поттикнеме тоа да почнат да го прават, бидејќи навистина нема смисла да сме последни на листата на европските земји, бидејќи имаме многу пациенти кои имаат право на живот и кои сакаат да живеат. Горан не можеше од кревет да стане, ниту сам да оди во тоалет, но ете сега колку толку може да се движи и му го продолживме периодот за да му дадеме шанса да добие срце и да се врати во живот“. - вели проф. Д-р Александар Николиќ - „Аџибадем Систина“.

Министерот за здравство за ТВ 24 вели дека наскоро може да се очекуваат промени во уредбите за трансплантација и да се распишат огласите. Според Филипче ваквиот чекор може да придонесе кон подобрување на транспланатацијата и во однос на експертизата и во однос на инфраструктурата и условите за пациентите. За Горан останува надежта дека наскоро ќе добие шанса за нов почеток, со трансплантација на живо срце.

„Очекувам од докторот да го смениме срцето - трансплантација на живо срце, друго е кога ќе можеш да одиш слободно друго е да бидеш како нинџа желка“. - вели тој.

0 Коментари

Остави коментари