Први трилатерални преговори за мир во украина – надежите минорни!

Американски, руски и украински претставници денеска седнуваат на маса во Абу Даби, каде се одржуваат првите заеднички трилатерални разговори од почетокот на руската агресија врз Украина во февруари 2022 година.

Средбата се смета за значаен дипломатски пресврт и потенцијален тест за искреноста на руските најави за подготвеност за мировен процес. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека прашањето за идниот статус на Донбас ќе биде централна тема на најавените трипартитни преговори меѓу Украина, Русија и Соединетите Американски Држави, кои денеска се одржуваат во Абу Даби, во Обединетите Арапски Емирати. 

Изјава  Володимир Зеленски, Претседател на Украина - Очекувам конкретен датум и локација за потпишување на финализираниот договор за американски безбедносни гаранции за Украина, додавајќи дека го чека одговорот од американскиот претседател Доналд Трамп. 

Во меѓувреме, Москва потврди дека ќе учествува на безбедносните разговори во Абу Даби, при што од Кремљ повторија дека долгорочен мировен договор не е можен без, како што велат, „јасно и целосно решавање на територијалните прашања“. Оваа позиција доаѓа по доцновечерната средба во Москва меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американските изасланици.

Советникот за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков, соопшти дека разговорите траеле речиси четири часа и ги опиша како „исклучително отворени и корисни“, но без конкретен пробив. Тој нагласи дека рускиот став останува непроменет: без договор за територијата, нема основа за траен мир.