Првата фаза од пописот засега без проблеми
Foto

Првата фаза од пописот засега без проблеми

Првата фаза од пописот засега се одвива без проблеми. Заклучно со вчерашниот ден преку апликацијата за самопопишување се евидентирани вкупно 18 236 граѓани. Надлежните потврдуваат дека податоците се безбедни, а секој слободно може да се изјасни за својата етничка припадност.

Самопопишувањето почнa во понеделникот, и тоа со вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и нивните семејства, на дијаспората, припадниците на Армијата во странство, затворениците и бездомниците. Пописот официјално ќе почне на 1 април, а ќе заврши на 21 април.

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски вчера потврди дека операцијата засега се одвива непречено и апелираше сите да учествуваат во оваа статистичка операција, бидејќи, како што нагласи, ни требаат податоци за креирање подобри услови за живеење во наредниот период.

Во однос на апликацијата за самопопишување наменета за дијаспората, директорот рече дека е безбедна, и ги отфрли сомневањата дека внесените податоци може да бидат искористени од страна на фирмата која ја има изработено.

– Базите се максимално заштитени, кај нас се и никој друг однадвор нема пристап до тие бази на податоци – ниту фирмата која ја направила апликацијата, ниту кој било друг, освен нас. Дури и во самата институција има строго определен протокол кој може да влегува во овие бази. Тоа се лица кои имаат сертификати и кои се претходно проверени значи, ни јас лично немам право да влезам во овие бази на податоци, рече Симовски.

Заклучно со вчерашниот ден во 10 часот преку апликацијата за самопишување се евидентирани 18 236 лица.

Од Држаниот завод за статистика информираат дека со пријавувањето на Апликацијата, корисникот се регистрира и остава свој ЕМБГ, е-маил адреса, која се верификува со праќање на е-маил за верификација, и телефонски број на корисникот. При регистрација на корисникот и при секој внес на податоците од страна на корисникот, во апликацијата автоматски се запишува од која ИП адреса се внесени податоците.

Предвидено е собраните податоци преку Апликацијата за самопопишување да се споредат со податоците од претпописната база на податоци. Бројот на самопопишани лица преку Апликацијата за самопопишување, како што велат од ДЗС, не значи по автоматизам број на резидентно население на Република Северна Македонија.

До апликацијата за попишување наменета за дијаспората, може да се пристапи само со ИП адреса од странство, а секое нарушување на процесот на прибирање на податоци е казниво со Законот за попис.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера побара од претставниците на здруженијата на Бугари во земјава да побараат соодветна графа во рамките на пописот, со цел утврдување на квантитативната, демографската и географска дистрибуција на оваа засебна заедница, што според Османи, значајно би придонело при формирањето на идните политики и на Владата.

Но, за ова веднаш реагираше Симовски, кој порача дека кога граѓанинот се изјаснува за својата припадност, не може да му се влијае на кој било начин затоа што графата во која се запишува етничката припадност е, празна.

0 Коментари

Остави коментари