Прва средба Муцунски - Георгиев, секој “остана“ на својата позиција
Билатералните разлики, блокадата на европскиот пат на државата од страна на Бугарија, како и за положбата на македонското малцинство во Бугарија, биле темите на кои разговарале денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунск и неговиот бугарски колега Георг Горгиев на маргините на Минхенската безбедносна конференција.
- Министерот Муцунски изрази жалење што, наместо развој на добрососедската политика, односите меѓу двете земји остануваат оптоварени со билатерални спорови, кои станаа непринципиелна пречка на македонскиот евроинтегративен процес.Истакна дека сите отворени прашања треба да се решаваат одговорно, бидејќи добрососедските односи покрај другото подразбираат и поддршка за европските интеграции како стратешка определба на државата. На средбата беше отворено и прашањето за почитување на правата и слободите на припадниците на македонското малцинство во Бугарија и потребата од спроведување на одлуките на европскиот суд за човекови права. - МНР.
По средбата се огласи и Горгиев кој порача дека добрососедските односи се хоризонтален критериум во процесот на евроинтеграциите и без нив не е возможно да се постигне членство во ЕУ. Градењето добрососедство бара доверба, отворен дијалог, предвидливост и спроведување на обврските.
- Ставот на Бугарија во однос на европската интеграција на Република Северна Македонија е јасен и конзистентен. Европскиот компромис од 2022 година Вклучува комплекс на мерки и нивното целосно спроведување е единствениот пат напред. Вклучувањето на Бугарите, на рамноправна основа со другите народи, во Уставот на Република Северна Македонија е само првиот чекор, чие спроведување ќе му овозможи на Скопје да ги започне преговорите за членство. Не е можно повторно преговарање или заобиколување на постигнатите договори зад кои стои цела ЕУ. - Георг Горгиев-министер за надворешни работи на Бугарија.
Во рамките на работниот престој во Минхен премиерот Христијан Мицкоски пак оствари средба со претседавачот на Минхенската безбедносна конференција, Кристоф Хојзген, но и со премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ. Мицкоски ја истакнал заложбата за унапредување на стратешкото партнерство со сојузниците од НАТО и потребата за напредок на патот кон Европската Унија, како и за активната улога на земјата во регионалната безбедносна архитектура. Оваа конференција е основана во 1963 година и од тогаш е еден од најважните годишни форуми за дебати за меѓународна безбедносна политика.