Прва конститутивна седница на Советот на град Скопје
Новите советници во Град Скопје од денеска официјално седнаа во советничките клупи од каде во наредните 4 години ќе ги носат најважните одлуки за функционирањето на главниот град. На денешната конститутивната седница меѓу другото, со 23 гласа, носителот на листа на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата на локалните избори, Даме Димитровски беше избран за претседател на Советот на Град Скопје.
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски во неговото прво обраќање пред советниците им порача дека нивната улогата во заедничката приказна за Скопје е клучна.
Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје
- Овој Совет, избран со доверба од граѓаните, има историска задача да го насочи Скопје кон стабилен, функционален и одржлив развој, да покаже дека кога политиката ќе ги стави интересите на граѓаните пред се, резултатите се видливи, конкретни и трајни. Немаме време за експерименти, мораме сите заеднички да се зафатиме за работа, работа и тоа веднаш.
Во меѓувреме од вчера вечерта почна акцијата за чистење на град Скопје која беше и предизборно ветување на новоизбраниот градоначалник Орце Ѓорѓиевски. Акцијата за 72 часа чисто Скопје, за Ѓорѓиевски е прв чекор кон враќање на достоинствениот и уреден изглед на градот.
Телевизија 24 денеска направи обиколка низ повеќе општини во главниот град. Од сликата која што ја затекнавме денеска на терен можевме да забележиме дека дел од контенјерите во Скопје се исчистени но има и дел кои се уште се полни со ѓубре.
Дел од граѓаните за Телевизија 24 велат дека генералката на главниот град е за доброто на скопјани, а за останатите пак ваквата акција е намерно смислена уште од пред изборите. Исто како и досега, што да мислам, ќе видиме, многу кажувања и ветувања тешко да се реализира. Ова е наместена работа пред изборите.
Се надеваме после олку гајлина што се вика, со смет и ѓубриња, треба да иде на подобро
Се тоа е наместено, се е смислено, не е паднато од небо тоа. Се е смислено со некоја цел е сега која е таа цел не знам.
За доброто на граѓаните е сигурно не е ПР, тоа е обврска и начин на кој се владее
72 часовната акција за почисто Скопје на Ѓорѓиевски почна вчера од платото пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“. На терен беа ангажирани десетици камиони, цистерни како и екипи од повеќе јавни претпријатија.

