Прв натпревар на ЕУРО без голови на Холандија и Франција
Во последниот дуел од денешната програма на Европското првенство во фудбал се одигра и првиот меч на кој немаше голови. Поранешните европски шампиони Холандија и Франција ја заокружија втората рунда во Д групата, а со натпреварот без погодоци на крајот најголем губитник е Полска која по поразот од Австрија со 3:1 си оди дома.
Мечот беше динамичен со многу шанси, но затаи завршницата кај напаѓачите. Евидентно беше отсуството на Килијан Мбапе во нападот на Франција каде офанзивците не можеа да создадат убава шанса за погодок.
Уште во првата минута Фримпонг имаше убава шанса за Холандија, но Мањан го сопре и изби во корнер, а потоа на спротивната страна се закани Гризман, ама чуварот на мрежата на „лалињата“ се истакна. Продолжија шансите и во следниот период, се нижеа прилики на Гризман, Гакпо и Турам, ама немаше погодоци.
На стартот на второто полувреме Франција ја презеде акцијата со голем притисок врз Холандија. И во 69. минута Чави Симонс даде гол за „лалињата“, но ВАР го поништи затоа што еден од играчите на холандскиот тим му посмета на Мањан во обид интервенира.
До крајот на натпреварот, Куман и Дешамп се обидоа со замени да ја освежат играта, но немаше сериозни обиди за погодок. Последните 15 минути беа вистинска тактичка битка, па ремито е реален исход.