Прозивки и обвинувања помеѓу Муареми и Русковска
Се разликуваат во сè ама во едно не. Двајцата побараа странска помош во обид да докажат кој, колку и како открива криминал и чиј углед е повеќе нарушен. Продолжуваат прозивките и јавните обвинувања помеѓу директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми и на шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска а по претресот што обвинителството го изврши во управата минатиот месец. По вчерашната средба на Муареми со новинарите, Русковска во писмен допис до јавноста реагираше дека според неа, згрозувачки е притисокот врз обвинители од нејзиното обвинителство од страна на владин функционер. Таа ги повика Амбасадата на САД, Канцеларијата на ЕУ и Европската обвинителка Лаура Ковеши, еднаш засекогаш да ги проверат сите факти и да се расчисти кој во државата се бори против криминалот, а кој го прави криминалот.
- „Јас како обвинител со стаж повеќе од 34 години нема да дозволам, лице за кое се проверува постапувањето, да ми го валка образот и честа кои долги години макотрпно сум ја градела. Честа, угледот, постењето ги имам научено од мали нозе од моите родители кои и двајцата се бореле со фашистите за денешна слободна и независна Македонија, татко ми потполковник на дивизија во НОВ, закопан со бугарски куршум и мајка ми, партизанка која лежела во бугарски затвор и која се борела и на сремски фронт“, вели Вилма Русковска шеф на ОЈО ГОКК.
По ова веднаш со рекација се јави и директорот Муареми.
- „Ако Русковска располага со сознанија за криминал што сум го направил, тогаш со јавноста нека сподели обвинителен акт, а не празни и неосновани информации дискредитирајќи ја во целост функцијата која ја извршува, вели Муареми. Се придружувам и јас кон вашиот повик до амбасадите нека го потврдат и тие она што јавниот обвинител на Република Северна Македонија го утврди со надзорот над вашето незаконско работење и неетичко постапување“, Арафат Муареми директор на УФП.
Ова е нетипична ситуација две надлежни институции за гонење организиран криминал да се објаснуваат преку медиумите и причините во овој момент и не се толку важни, вели за ТВ 24 поранешниот член на Антикорупциската комисија, Драган Малиновски. Тој вели дека решение има и тоа е многу едноставно. Само треба да се следи, вели Малиновски Законот за јавно обвинителство.
Она што беше јавна тајна дека професионалните релации помеѓу Муареми и Русковска се далеку од професионални излезе во јавност откако Државното правобранителство поднесе кривични пријави против обвинителите Артан Ајро и Гаврил Бубевски но и против Муареми и бизнисменот Сеад Кочан а поврзано со случајот „Трансмет“ за кој Кочан веќе ја издржува казната затвор.