Против Рамиз Мерко 16 предмети се активни, 14 застареле - ниеден обвинител нема да одговара
Триесетина предмети од 2006 до сега поминале низ рацете на обвинителите поврзани со градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко и општината. Најголемиот дел заминати во историјата, а по оние кои се активни, постапуваат струшкото обвинителство и обвинителството на Ислам Абази.
Ова го покажа надзорот на државното обвинителство, кое оформи комисија за да види како обвинителите постапувале во сите предмети за Мерко, откако тој се најде на црната листа на САД со наводи за крупна корупција.
За предметот на антикорупционерите, за набавката на службени возила меѓу кои и луксузното ауди пак, обвинителството конечно даде информација. Активен е, но се уште се проверуваат дел од наводите.
„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција има во работа вкупно 5 предмети. Меѓу нив е и предметот со спорната набавка на службени автомобили во Општина Струга, кон кој е приклучена и иницијативата на Државната комисија за спречување на корупција и извештај на Државниот завод за ревизија, и во кој е донесена Резолуција за еден дел од наводите, меѓутоа останатиот дел се уште е предмет на проверки. На надлежниот јавен обвинител му се дадени насоки за натамошно постапување во овој предмет.“ - велат од Државното јавно обвинителство.
Иако оваа информација се најде во соопштението на обвинителството, сепак од таму не доставиле никаква информација до Државната комисија за спречување на корупција, од каде претходно на прес конференција известија дека не можеле да дознаат до каде е предметот, бидејќи од обвинителството не сакале да го споделат тоа со нив. Извори од антикорупциската комисија за ТВ 24 велат дека последното што обвинителството им го кажало е дека не можат да соопштат детали.
Обвинителството не кажува дали нашле евентуални пропусти во постапувањето на обвинителите кои ги водат предметите против Мерко. Само кажаа дека дале укажување на дел од обвинителите кои ги воделе затворените предмети против струшкиот градоначалник. Она што го велат од таму е дека оделе од обвинител на обвинител и ги прашувале дали врз нив биле правени притисоци. Ги охрабриле да пријавуваат секој обид да се компромитираат постапките кои ги водат обвинителствата.
Експертите пак, скептични дека од овие проверки може да излезе нешто добро. Поранешниот судија Валентин Зафиров за ТВ 24 вели дека доколку некој не одлучил да го пушти Мерко низ вода, обвинителството нема ништо да преземе.
„Ниеден обвинител што бил под влијание а не го издржал притисокот нема да признае. А исто така ако бил под влијание и тоа не го пријавил, мислам дека исто тоа е за дисциплинска постапка, така да не верувам дека самите ќе признаат нешто. Во судството и обвинителството вината на добрите судии и добрите обвинители е што молчат, исплашени се, а во тоа влијаат партиите кои се на власт, која и да е партија која е на власт.“ - вели Валентин Зафиров поранешен судија.
ТВ 24 побара став и од градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, но до овие вести, тој не одговори на нашите повици ниту на пораките кои му ги испративме. Контролата ја вршеше тим од четворица обвинители од републичкото обвинителство, а почна на 26 јуни. Претходно контрола вршеше и судскиот совет, на сличен начин. Тим замина во струшкиот суд за да ги прашува судиите дали имале притисоци кога носеле одлуки за предметите поврзани со Мерко.